Детската играорна група на АКУД „Мирче Ацев“ освои специјална награда од жирито и пехар во категорија од 7 до 12 години на 22. Меѓународен детски етнофестивал „Деца од Балканот – со духовност во Европа“ во Хасково, Бугарија. На фестивалот учествуваа 72 културно-уметнички ансанбли со повеќе од 2.200 учесници од земјата домаќин, како и од Македонија, Украина, Молдавија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
Детската играорна група на АКУД „Мирче Ацев“ на фестивалот се претстави со кореографии од народните ора „Овчарки“ и „Жетварки“. Децата беа облечени во народни носии и преку ората ја претставија македонската култура и традиција.
– Освоивме специјална награда од жирито во категорија од 7 до 12 години. Се вративме во Македонија со пехар и презадоволни бидејќи се претставивме во најдобра светлина. Децата беа добро уиграни, се претставија со народните ора „Овчарки“ и „Жетварки“ и беа една од најмасовните групи на фестивалот, изјави за весникот ВЕЧЕР, Благоја Јованоски, директор на АКУД „Мирче Ацев“.
Родителите, задоволни од освоената награда, велат дека децата преку фолклорот ги чуваат и ги негуваат нашата култура и традиција и ги претставуваат во другите земји каде што настапуваат.
– Преку народните ора не само што ќе разберат кои се, од каде потекнуваат туку ќе знаат кои им се корените, која им е културата и традицијата. Кога ќе патуваат низ светот тие тоа ќе го носат во себе и никој нема да може да им каже дека македонските ора не се македонски или дека македонскиот јазик не е македонски, велат тие.
Инаку, Хасково три дена беше престолнина на децата од Балканот. На фестивалот можеa да се видат многу бои, шарени народни носии, талент, младост и убавина.
– Овој фестивал, освен што го покажа талентот на децата од Балканот, ја покажа нивната желба за сплотеност и пријателство. На фестивалот нема поделба по возраст, јазик, религија или етничка припадност, беше истакнато на Фестивалот „Деца од Балканот – со духовност во Европа“.