– Според приложената документација, тој ја изградил оваа зграда во 2010 година, кога имал само 11 години, а на 12 години, со своерачен потпис, поднел барање за легализација. И не е чудо што сме четврта најуспешна економија во Европа, затоа што нашите млади уште од 12 години градат згради во Чаир и стануваат милионери. Да резимирам: ова е криминал. Доказите го говорат тоа – нагласи скопската градоначалничка, Данела Арсовска. Таа приложи две сателитски снимки, од кои едната е од 2017, каде што ја нема дивоградбата, додека втората е од 2023 година
Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, во име на Град Скопје, вчера поднесе 20 нови случаи на незаконска легализација на дивоградби во Општина Чаир до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Арсоска нагласи дека не станува збор за тераси или за гаражи, туку за цели згради изградени спротивно на закон, чија изградба, само на еден објект, чинела над еден милион евра, а основните давачки како комуналии биле над 1,5 милион евра.
На денешната прес-конференција, таа покажа две сателитски снимки од Агенцијата за катастар на недвижности, од кои едната е од 2017, а другата од 2023 година.
– Магично, во 2023 година почнува да се гради плоча, која станува зграда на 12 ката во втората половина на 2024 година. Е сега, Висар Ганиу се обидува да нè убеди дека сето ова е легално – изјави Арсовска.
За случајот, како што истакна таа, да биде поиновативен, оваа зграда ја градел најмладиот претприемач во Македонија во изминатото столетие, единаесетгодишниот Беким Аземи, кој му е брат на претходниот петнаесетгодишен иноватор, Бујар Аземи.
– Според приложената документација, тој ја изградил оваа зграда во 2010 година, кога имал само 11 години, а на 12 години, со своерачен потпис, поднел барање за легализација. И не е чудо што сме четврта најуспешна економија во Европа, затоа што нашите млади уште од 12 години градат згради во Чаир и стануваат милионери. Да резимирам: ова е криминал. Доказите го говорат тоа – нагласи Арсовска.
Таа објасни дека за изградба на еден ваков објект се потребни 1,5 милиони евра, што значи дека за 150 вакви згради колку што ги има во Чаир, според Арсовска, се потребни 225 милиони евра, за колку што е оштетен и буџетот на Град Скопје.
– Тоа се пари на граѓаните, кои треба да се внесат во буџетот, да се трошат за потребите на граѓаните наместо некој диво да се приклучува на водовод или да гради дивоградба – потенцираше Арсовска.
Таа праша: Дали некоја од надлежните институции ќе ги праша овие луѓе од каде им се толку пари за да го изградат овој објект и зошто никој не го викна Висар Ганиу, кој се обиде да ги обвини своите вработени дека му ги подметнале документите, да ги потпише?
Според неа, во Општина Чаир има над 150 вакви згради по 12 ката, без дозволи и проекти.
Арсовска, исто така, посочи дека Висар Ганиу за три години има направено повеќе дивоградби од сите општини заедно што имаат предмети.
– Ако сите скопски општини имаат стотина предмети, Висар Ганиу има 13 илјади предмети, што сам го има лично кажано. Дали може да замислите колку од овие се, всушност, незаконски направени? Зборуваме за многу сериозна работа, за небезбедност и неправда, зборуваме за луѓе што се измамени да купат станови во објекти за кои не се свесни дека се нелегални – истакна Арсовска.
(А. П.)