
Винисиус Жуниор и Реал (М) не можеа да се договорат за продолжување на соработката во изминатиот период. И понатаму парите се главниот проблем, а ниту една страна не сака да попушти.
Бразилецот, или неговите агенти, бараат 30 милиони евра годишно за нов договор. Тие веруваат дека Вини, како носител на играта во претходните години, заслужува приближно иста плата како Килијан Мбапе.
Сепак, раководните лица на „кралскиот клуб“ не го гледа тоа така. Понудата на Реал (М) е моменталната плата од околу 20 милиони евра годишно, но тие се отворени за преговори за милион повеќе.
Сепак, по сите случувања во клубот, се чини дека раководството на „кралскиот клуб“ полека попушта и наводно, сепак би можело да се постигне договор меѓу двете страни.
Преговорите веќе се започнати, а доказ за тоа е присуството на агентот Фредерик Пења на натпреварот против Монако во Лигата на шампиони.
Шпанците велат дека неговото доаѓање е јасен знак дека е можно да се постигне договот затоа што Реал (М) не сака да го изгуби Вини и е подготвен да ги исполни неговите барања.
Сè уште треба да се дефинираат последните детали од договорот, но прашање е само на време кога истиот ќе стане и официјален.
Кога е во прашање формата на Вини, таа е во надолна линија и не е ни сенка од играчот што беше во претходните сезони, а навивачите му ја отежнаа работата уште повеќе, исвиркувајќи го на првенствениот дуел против Леванте.
Бразилецот беше во неверица во тунелот на „Сантијаго Бернабеу“ и не очекуваше таков став од навивачите на кои им донесе толку многу радост.
Клупските челници сепак го поддржуваат, тие добро знаат што може да направи Винисиус на теренот и веруваат дека лошата форма е само привремена и дека наскоро бразилската ѕвезда повторно ќе биде меѓу најдобрите фудбалери во светот.
Винисиус постигна седум гола и 11 асистенции на 30 настапи оваа сезона и се чини дека полека влегува во форма по очајниот почеток на сезоната.
Брилијантниот напаѓач одигра вкупно 352 натпревари за „кралскиот клуб“, постигнувајќи 113 гола и додавајќи 94 асистенции.











