Во мислењето што го доставија синдикатите на вработените во Стопанска банка АД Битола за понудата за преземање на Банката од страна на Алта банка АД Белград, се наведува дека е прифатлива понудата, но под одредени услови, кои се однесуваат на заштита и унапредување на правата на вработените.
Тие бараат од српската банка да им достави детален долгорочен план за вработените, со јасна визија за нивно унапредување и соодветно наградување, вклучително и зголемување на платата. Оттаму, пак, најавија дека, по преземањето, ќе работат на зголемување на обемот на активностите и на раст на бројот на вработени. Од синдикатите сметаат дека ова е можност за модернизација на работењето и за подобрување на корисничкото искуство.
– Прифаќањето на понудата е условено од хоризонталната прераспределба на вработените во однос на потребите на Банката и од вертикалната прераспределба исклучиво во насока на раст и унапредување, без намалување на хиерархиските нивоа. Сметаме дека успешната реализација на преземањето ќе влијае и врз стабилноста на Банката – очекуваат синдикатите.