Зголемен e бројoт на случаи на врсничко насилство во Охрид. Последниот, во кој тројца малолетници му нанесоа телесни повреди на соученик во близина на училиштето, го вклучи алармот. Психолозите велат, булингот се јавува во сите форми, психолошко, физичко и сајбер насилство. Причините се намалената емпатија и ниската емоционалната интелигенција кај децата и кај адолесцентите.
– Најжално е што младите веќе го прифатија полесниот начин како модел. Да бидеш насилен, за да бидеш лидер. Имитацијата, агресијата се должи на кумулиран бес, кумулирана фрустрација, неспособност, можам да кажам, да ги решаваат проблемите или она што се случува на начин што е прифатив – вели психологот, Анастасија Настоска.
Загрижува тоа што врсничкото насилство е присутно и на најрана возраст, а најмногу кај адолесцентите. Социјалните мрежи им станаа орудие на насилниците, а повлечените и срамежливи деца тивки жртви.
– Значи, децата кои не се толку сигурни во себе и сметаат дека не можат да се справат со посилните, најчесто се цел. Најлошото е – она што го спомнав на почетокот – дека тие покрај тоа што вршат насилство, потоа го поставуваат на социјалните мрежи. Тоа е уште полошиот момент – додава Настоска.
Најважно во борбата со врсничкото насилство е рано откривање и навремена реакција од страна на сите институции.
За проблемот со вандализмот и деструктивното однесување кај младите, како и за иницијативата во која се бараат измени во повеќе закони од областа на родителството, детската и малолетничката заштита и образованието, разговараше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со универзитетската професорка Татјана Стојаноска-Иванова.
Ова се случи откако имаше неколку инциденти на игралиштето во Капиштец, како и по вандализмот врз новата вежбалница во Паркот на франкофонијата.
– Имавме неколку инциденти на игралиштето во Капиштец кои беа снимени, а неодамна беше вандализирана и новата вежбалница во Паркот на франкофонија. Затоа ја покренавме оваа иницијатива, ја доставивме до ЗЕЛС, ги активиравме сите институции и бараме законски измени кои ќе овозможат поефикасно справување со ваквите случаи. Предлогот ни е воведување општественокорисна работа за младите прекршители и за нивните родители, со цел да се подигне јавната свест, да се поттикне одговорноста и да се спречи повторување на вакви појави – изјави Герасимовски.
Тој потсети дека Општина Центар веќе спроведува активности насочени кон психолошка поддршка и здрав развој на децата.
– Први воведовме забрана за користење мобилни телефони за време на наставата, а класниот час секогаш е резервиран за разговор со учениците. Социјалните мрежи можат да бидат заводливи и токсични за младите, со содржини кои се невистинити и опасни. Затоа предложивме овие часови да бидат посветени на искрен разговор со наставникот и со соучениците, со емпатија и разбирање. Само преку пренесување на вистинските морални вредности, го градиме моралниот кодекс кој ќе придонесе за правилен развој на нашите деца и за тоа како да бидат подобри граѓани на заедницата и на општеството во кое живееме. Нешта што денес се поважни од кога било – нагласи Герасимовски.
Во рамки на средбата, Герасимовски и професорката Стојаноска-Иванова се согласиле дека појавата на вандализмот бара поширока мобилизација, стратегија и вклученост не само на институциите, туку и на родителите и на наставниците.
Општина Центар во изминатиот период ги реконструираше сите детски игралишта и постави нова вежбалница во Паркот на франкофонија, но за жал, неодамна, исто така беше цел на вандализам, информираа надлежните.