Десетици Норвежани „по грешка станале милионери“: Погрешно биле известени дека освоиле милиони во „Евроџекпот“

34
Finnish Eurojackpot lottery ticket 20180206

Многу Норвежани мислеле дека станале милионери откако добиле известување од државната компанија за коцкање во кое се тврди дека освоиле неверојатна сума. Подоцна се покажа дека станува збор за грешка, пренесе „Би-би-си“.

Тоње Сагстуен, извршната директорка на „Норск Типинг“, се извини и поднесе оставка. Грешка при конвертирањето на евро центи во норвешки круни предизвикала износите на наградите да бидат „премногу високи“, соопшти државната компанија. Износот бил помножен со 100, наместо поделен со 100, објавија локалните медиуми.

Илјадници Норвежани совпаднале доволно броеви за да ја освојат паричната награда, но нема да ја добијат сумата што првично им била кажано. „Норск Типинг“ ги прима износите на наградите од Германија во евра, а потоа ги конвертира во норвешки круни. Точните износи беа ажурирани вчера вечерта. Не се извршени погрешни плаќања, соопшти компанијата за коцкање.

Жена добила известување за добивка од 1,2 милиони круни

„Многу ми е жал што разочаравме толку многу луѓе и разбирам дека се лути на нас“, рече Сагстуен, додавајќи дека „критиката е оправдана“. Таа призна дека добила неколку пораки од луѓе кои веќе планирале да ја потрошат својата награда на одмор, реновирање на своите домови или купување стан. „Можам само да им кажам: Жал ми е! Но, разбирам дека тоа е мала утеха“, нагласи таа.

Една жена раскажа за Норвешката радиодифузна корпорација (NRK) како добила известување дека освоила 1,2 милиони круни (околу 102.000 евра).

Управниот одбор на „Норск Типинг“ вчера одржа итен состанок со Министерството за култура, кое го надгледува работењето на компанијата. Сагстуен се повлече од функцијата извршен директор по состанокот. Таа е на оваа позиција од септември 2023 година, а работи во „Норск Типинг“ од 2014 година.

Министерката за култура: Вакви грешки не треба да се случуваат

Министерката за култура и еднаквост Лубна Џафери изјави за НРК дека „такви грешки не треба да се случуваат“, особено затоа што „Норск Типинг“ има ексклузивно право да обезбедува услуги за коцкање во земјата. „Очекуваме менаџментот активно да работи на подобрување на контролата“, истакна таа.

Ова не е прв пат „Норск Типинг“ да биде критикувана. Компанијата призна дека „се откриени неколку сериозни грешки“ во последните месеци и дека „се соочила со голем број технички проблеми во текот на изминатата година“.

ИЗДВОЕНИ