– Иако третата фаза – подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамките на оваа етапа се вршат реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и на функционалноста на сообраќајот – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски

 

Градежните работи на булеварот „Македонија“, еден од проектите со кој Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница, се одвиваат со засилена динамика.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски вчеравеќер изврши увид во активностите, информираше дека имало десетици камиони и градежни машини на терен, дури и во вечерните часови, кога е намален сообраќајот и не се создава дополнителен метеж.

– Оваа практика на интензивна работа ќе продолжи сè до крајот на мојот мандат. Проектот што со години беше во застој, денес добива нов импулс, јасна временска рамка и визија за современ урбан развој. Иако третата фаза – подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамките на оваа етапа се вршат реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и на функционалноста на сообраќајот – истакна Ѓорѓиевски.

Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и кракот од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде што продолжува кон следната фаза.

Ѓорѓиевски објасни дека е предвидено и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента.

– Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и со три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот – објасни скопскиот градоначалник.

Освен тоа, на потегот од улицата „Пролет“ кон „Лимак“, како и од „Лимак“ кон булеварот „Борис Трајковски“, ќе  се воведе еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори.

Во наредните фази е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и два кружни тека на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Свети Кирил и Методиј“.

– Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници, значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура – наведе првиот човек на Градот.

Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти: четири за двонасочен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.

Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор.

– Со современи инфраструктурни решенија што досега не биле карактеристични за градот, правиме одлучен чекор кон модерен, функционален и вистински европски град – рече Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ