Десетици илјади Унгарци бараат оставка од Орбан поради скандалот со злоупотреба на деца

149
Screenshot

Десетици илјади Унгарци учествуваа на протест во Будимпешта вчера барајќи оставка од премиерот Виктор Орбан поради, како што велат, неговата неактивност во врска со повторените скандали со злоупотреба на деца во земјата, објави Ал Џезира.

Откако се врати на власт во 2010 година, Орбан вети дека ќе ја направи заштитата на децата приоритет за неговата влада, но неколку високопрофилирани случаи на злоупотреба на деца во последните години сериозно ја потресоа неговата администрација.

Протестите во саботата ги предводеше Петер Маѓар, лидер на опозициската партија TISZA, и следеа по новите обвинувања за малолетнички притворен центар во Будимпешта што се појавија во септември. Снимките од безбедносните камери покажаа како директорот на притворниот центар на улицата Соло удира момче во главата.

Четири вработени беа приведени претходно оваа недела, а владата објави дека ќе ги стави сите такви установи за деца под директен полициски надзор.

Во саботата, илјадници демонстранти маршираа низ студените улици на Будимпешта зад транспаренти на кои пишуваше „Заштитете ги децата!“ и ја повикаа владата посилно да ги казни сторителите. Некои носеа плишани играчки и факели во знак на солидарност со жртвите на физичко малтретирање во случај што трае со години.

Опозиционерот вчера објави владин извештај за повеќе од 3.000 случаи на злоупотреба во државните домови за згрижување, кој бил завршен во 2021 година, но чуван во тајност. Министерството за внатрешни работи го потврди извештајот.

Скандалот стана актуелна политичка тема откако претседателката Каталин Новак поднесе оставка во февруари 2024 година, поради јавен притисок. Нејзината оставка беше предизвикана од помилувањето на заменик-директорот на едно сиропиталиште, кој беше осуден како соучесник во сексуална злоупотреба на деца.

Скандалот, кој беше проследен со масовни протести, го поттикна Маѓар да започне широка опозициска кампања предводена од обновената Партија Тиса (акроним за Партија на Почит и Слобода).

Партијата Тиса сега води во анкетите пред партијата Фидес на десничарскиот премиер Виктор Орбан, а изборите се закажани за април следната година. Орбан е на власт од 2010 година, посочува ДПА.

Нов скандал избувна летото во врска со можно криминално однесување во малолетнички затвор во Будимпешта. Три лица од персоналот, вклучувајќи поранешен директор, беа уапсени под сомнение за водење проституциски синџир. Дополнително, неодамна беа објавени слики на кои се гледа како директорот на таа институција клоца млад човек во глава. Како резултат на тоа, на почетокот на седмицата беа уапсени четворица вработени, а Владата ги стави сите слични институции под полициски надзор.

ИЗДВОЕНИ