Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва соопшти дека од 15:15 часот се гаси запалено ѓубре во депонијата „Дрисла“ во село Батинци, општина Студеничани, и дека Бригадата за противпожарна заштита интервенира со две возила и пет пожарникари.
Десет противпожарни возила со сите сили работат на гаснење на големиот пожаркој избувна попладнево во скопската депонија „Дрисла“.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, информира дека била побарана дополнителна помош од ЈП „Комунална хигиена“, од каде се пратени две цистерни за дотур на вода кои ги надополнуваат противпожарните возила на терен.
– Се надеваме дека за брзо време пожарот ќе биде целосно изгаснат – изјави Томевски.
Иако бил побаран авион на Дирекцијата за заштита и спасување за помош при гасењето, за жал, немало услови за интервенција од воздух.
Командантот Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири кон околната борова шума и да предизвика дополнителен шумски пожар, којшто можел да ги загрози и блиските објекти.
Противпожарните екипи, како и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“, продолжуваат со интензивна интервенција, а граѓаните се повикуваат на внимателност и избегнување на близината на депонијата додека пожарот не биде целосно локализиран.