Кај 10 од вкупно 19 случаи било откриено дека пациентите непотребно се оперирале или биле праќани на кардиолошки интервенции во државните и во приватните болници во Македонија, објави министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција во Владата, заедно со членовите на Интерната комисија задолжена да ги расчисти сомневањата за „бизнис-операциите“ на срце. Неколкупати во текот на соопштувањето на првичните наоди од истрагата, надлежните нагласија дека во моментов не можат да обелоденат кои се болниците кај кои пациентите биле непотребно оперирани бидејќи истрагата била во почетна фаза, и она што следува е влегување во болниците по случаен избор и „чешлање“ на медицинските досиеја.
„Не само во кардиохирургија, овде се работи за кардиоваскуларна медицина. Во сите болници што се бават со кардиоваскуларна патологија. Тоа значи ширум Македонија, сите болници што се бават со кардиоваскуларна патологија, ќе нè интересира како се пристапува. Ќе нè интересира и непостапување – не само постапување, изјави претседателот на комисијата, д-р Жарко Христовски, кој е вработен во една од приватните болници со кои Фондот има склучено договор за срцеви интервенции.
Но, не само тој, во комисијата членуваат лекари од болниците каде што се прават кардиолошки интервенции, и тие треба да ги проверуваат претставките од пациентите кои можеби се оперирале или упатувале во една од нив. Па така, Интерната комисија составена на барање на Министерството за здравство е составена од врвни експерти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ, д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска, Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство, д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама.
Следна фаза во истражување на непотребното оперирање или упатување за операции на срце е да се повикаат тројца странски експерти. Од исходот од истрагата на Министерството за здравство ќе зависи дали ќе биде информирано Јавното обвинителство, велат надлежните. „Крајната цел е и дефинирање на стратегија во лекувањето и подобрување на третманот на пациентите“, рече министерот Алиу.
„Ваквото презентирање на истрагата и наодите е скандалозно. Дали министерот намерно не соопштува за да може да преговара или разговара со оние што го правеле тоа? Како е можно да е утврдено дека операциите се непотребно извршени, а истовремено извештајот да не е финален?“, прашаа од опозицискиот СДСМ.
– Итно и транспарентно да се објават клиниките, како и сите поединечно инволвирани во процесот на носење одлука за операција на пациентите за кои, според Алиу, веќе е утврдено дека не требало да бидат оперирани, побараа од СДСМ.
Не е етички коректно ниту правно издржано во оваа фаза да се открие за кои институции станува збор и каква била состојбата на пациентите, објаснија од Интерната комисија на прес-конференцијата.
Директорот Сашо Клековски, одговарајќи на новинарско прашање дали клиниките во кои се правеле непотребни операции на срце ќе ги вратат парите во ФЗО, рече дека кога ќе ги добие извештаите назад, ќе се направи дополнителна контрола на тие извештаи.
– Набргу ќе поставиме и контрола на квалитет кај кардиохирушките интервенции кај приватните и кај државните установи, рече Клековски
Министерството за здравство на крајот на август ја формираше Комисијата откако кардиохирургот д-р Сашко Кадев обвини за непотребни операции во приватното здравство. Тогаш беше испратен и допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот од јануари 2022 до август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.
„Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави јавно Кедев. (П.А.)












