Креативниот центар Карпош на 22 септември ќе го одбележи јубилејот 10 години постоење. Во рамките на одбележувањето, кое ќе се одржи во ООУ „Владо Тасевски“ во Козле, ќе биде промовиран и првиот број на списанието на овој детски центар, насловено „Креативци“.
– Креативниот центар Карпош во изминатите 10 години беше промотор на младите во Општина Карпош, во многу сфери на науката, истражувањето и на културата. Во овој период, тој организираше преку 100 работилници со повеќе од 1.500 учесници, реализираше неколку домашни и меѓународни истражувачки проекти, сними документарен филм под наслов „Едно е да знаеш, а друго да умееш“, го промовираше креативниот ангажман на младите од Карпош низ Македонија и регионот и беше дел од бројни други настани (конференции, саеми, симпозиуми…) – посочува, меѓу другото професор, Александра Блажевска, претседател на Креативниот центар Карпош.
Според Зоран Поповски, основач на Центарот, овој центар е таков зрак за иднината кој упорно се бори да го забави процесот на дехуманизација на младите во општина Карпош.
– Неговата мисија e да ги поттикне децата, односно учениците да го истражуваат непознатото, да откриваат што би сакале да прават, да творат, да се дружат, што е само мал сегмент од глобалното сценарио за спас на човештвото. Креативниот центар Карпош е успешна синтеза на детските љубопитност и инвентивност со ентузијазмот на многу наставници и други професионалци што со љубов ги споделуваат своите искуство и знаење. Со тоа стана корисна алатка за унапредување на образованието во Општина Карпош, преку работа со заинтересираните и талентирани деца во различни области од науката, техниката, уметноста и другите видови творештво – истакна Поповски.