Десет екипи учествуваа на турнирот во бочија

21

Во рамките на проектот „Мобилна личност – успешна индивидуа“ поддржан од Град Скопје, во неделата беше отворен меѓународниот турнир во спортската дисциплина бочија, кој е во организација на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, а со поддршка на Град Скопје.

– Спортистите на турнирот во бочија, која е параолимписка дисциплина од 1984 година, покажаа со своите позитивни заложби и спортски напори пример за сите, а оваа спортска игра претставува одличен начин лицата со телесен инвалидитет да ги покажат своите способности. На натпреварот, кој се одржа во средното училиште „Михајло Пупин“, учествуваа 10 екипи од Македонија и од регионот – соопштија од Град Скопје.

Оттаму истакнаа дека во изминатите години активно вложуваат за подобрување на квалитетот на животот на лицата со телесен инвалидитет, преку реализација на повеќе проекти, со што се постигнуваат целите за зголемување на мобилноста, интеграцијата и на свесноста во општеството за лицата со попреченост.

– Во изминатата година, овозможивме електрични скутери за лицата со телесна попреченост, набавивме специјално адаптирани возила за превоз, во нашите скопски средни училишта отворивме сензорни соби и на две дополнителни локации овозможивме опремување со реквизити за спортски активности за лицата со попреченост – наведуваат од Град Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ