ДЕСЕТ ДЕНА ПРЕД ДЕНОТ НА ГЛАСАЊЕТО ИЗБОРНИТЕ АКТИВНОСТИ СЀ ПОЖЕСТОКИ: Кампањата сè поцрна, се разменуваат обвинувања за криминал и корупција, лаги, лицемерство…

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ги нарече Венко Филипче и Али Ахмети дека се „последен бастион на криминалот и на корупцијата“. Лидерот на СДСМ, пак, возврати дека е време Мицкоски да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди.

285

Сè потешки и потешки обвинувања и навреди почнаа да се разменуваат меѓу најголемите политички блокови во земјава десетина дена пред денот на гласањето на претстојните локални избори. Лидерите на двете најголеми коалиции од власта и од опозицијата, Христијан Мицкоски и Венко Филипче, и на синоќешните собири со граѓаните меѓусебно си разменуваа тешки зборови. Со тоа се остваруваат предвидувањата дека предвремено започнатата кампања во која имаше навредливи и дискредитирачки изјави ќе продолжи во свој црн стил и до самиот крај.

Лидерот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски, на синоќешниот митинг во Тетово порача дека претстојните избори се последна шанса да ја спасиме нашата иднина, да ја сочуваме нашата надеж и да обезбедиме стабилен живот во Македонија. Тој ги обвини опозициските конкуренти дека настапуваат со обвинувања, лаги и тотални безмислици. Тие сведочат за нивната безидејност.

– Венко Филипче така нереформиран, инструментализиран, одработува за својот вистински лидер, а другиот коалиционен партнер, Али Ахмети, дели историски лекции, кажува неповрзани работи. Човек не може да се изначуди на кое дереџе спаднаа луѓево. Додека Венко и Али така нереформирани се последниот бастион на она што претставува криминал и корупција во Македонија под нивно владеење, сè помалку ја има. Јас нема да му одговорам на Али со неговата реторика, иако тој го сака тоа. Тој моли Бога да му одговорам на неговото национал-романтичарско изразување  – рече Мицкоски.

Тој му порача на Ахмети и тоа дека нивните политики ја испразнија Македонија и го намалија бројот на ученици Албанци.

– Пад на население гледано низ млади ученици кои ја напуштиле државата поради иселување изгледа вака: Арачиново – 14 отсто, Липково – 40 отсто, Теарце – 37 отсто, Тетово – 18 отсто, Боговиње – 37 отсто, Желино – 28 отсто, Врапчиште – 32 отсто, Гостивар – 35 отсто, Кичево – 36 отсто, Струга – 32 отсто. Ова е суровата реалност што ја донесе Али и неговото учество, повеќе од две децении во Владата, рече Мицкоски.

Мицкоски, пред жителите на Гостивар, го повика Филипче јавно да каже што мисли за неговиот претходник во партијата Зоран Заев.

– Филипче е лицемерен, едно зборува во јавноста, додека истовремено глуми и одработува и кова заеднички планови со него. Го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру, дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија. Нормално, нè очекувам да даде одговор што сите ние добро го знаеме – рече Мицкоски прексиноќа во Гостивар.

На ваквите пораки, лидерот на СДСМ, Филипче, одговори на собирот со жителите на Гевгелија. Тој му одврати на Мицкоски дека „Македонија не е негов вилает“. Тој ги повика граѓаните на 19 октомври за да испратат јасна порака до актуелната власт дека е доста од лаги и ароганција

– Кога нема визија, кога нема работа, кога нема план, кога нема резултати и кога граѓаните се на последно место, е тогаш се прибегнува кон спинови, лаги и црни кампањи. Секој ден ја гледаме црната кампања против СДСМ. Измислени афери што им се распаднаа една по една. Беа хибридни напади, беспилотни летала, а сега некакви стикови. Никако да разберат дека граѓаните ги прочитаа. Ниту јас ниту СДСМ нема да влеземе во калта во која тие се чувствуваат удобно – рече Филипче.

Тој истакна дека СДСМ не ги лажел луѓето, туку секогаш бил тука за нив и дека повторно ќе ја исправи државата која се буди.

Вчера, пак, Филипче му порача на Мицкоски да престане со спинови и да почне да се соочува со реалните проблеми во државата.

– Време е оваа влада да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди. Граѓаните не заслужуваат незаинтересирана власт без резултати и без работа – нагласи Филипче.

Активни беа и кандидатите на двете најголеми коалиции за скопски градоначалник. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вчера ја посети општината Шуто Оризари каде најави изградба на нов Културен дом „Есма Реџепова“, кој ќе биде изграден на местото на старото матично.

– Новиот објект ќе стане центар на културниот живот во Шуто Оризари и симбол на локалниот идентитет. Домот ќе биде простор за театар, концерти, изложби и младински активности, но и почит кон големата Есма Реџепова – амбасадор на ромската култура која со својот глас ја претставуваше Македонија во светот –  изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави и изградба на нов фудбалски стадион, кој ќе содржи современ терен, трибини, соблекувални и осветлување. Најави и нови социјални мерки што се дел од проектот „Скопје – град кој се грижи за сите“.

Кандидатката на СДСМ за скопски градоначалник, Каја Шукова, вчера го претстави проектот „Скопје без хартија, дигитален град за сите“.

– Дигитализацијата на јавните услуги е темел на новиот модел на управување. Програма „Пејперлес сити 2029“, предвидува воспоставување на единствена дигитална платформа што ќе ги поврзува сите градски услуги, со овозможен пристап до документи и плаќања, до информации за граѓаните и бизнисите на едно место – најави таа.

Опозициската ДУИ вчера ја паузираше кампањата по вооружениот напад врз нивниот кандидат во Липково во знак на солидарност и протест. Нивниот градоначалнички кандидат за скопската општина Чаир, Бујар Османи, пак, го претстави клучниот проект „Плоштад Лирија” и подземна сообраќајница за решавање на сообраќајниот хаос.

– Проектот за Плоштадот Лирија и подземната сообраќајница, изработен во соработка со светски познатиот архитект Мишел Ројкинд, предвидува изградба на модерен подвозник што ќе го поврзе просторот од „Чаирчанка” до новиот  „Плоштад Лирија” и подземен паркинг со 350 места – најави Османи.

Неговиот противкандидат од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, вчера го посети реконструкцискиот проект на улицата „Банатска“ во Чаир, вреден околу 3 милиони денари, кој треба да донесе побезбедно и поудобно секојдневие за жителите на Топана.

– Секој проект што го реализираме има јасна цел – да му служи на граѓанинот. Реконструкцијата на „Банатска“ ќе обезбеди полесно движење, побезбедни улици и подобар квалитет на живот за сите жители на Топана – изјави Меџити. (Б. Ѓ.)

 

Димитриевски: Венко, излези на ТВ-дуел, како помош земи го и менторот Заев

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, вчера обвини дека нивните членови и поддржувачи се изложени на силни притисоци од СДСМ под директива на лидерот Венко Филипче.

– Наместо визија, тие нудат страв. Наместо идеи – уцени. Наместо дебата – хајка. Но, јас ви ветувам и оттука јасно ви порачувам, овие тактики ќе ве поразат, но нема да ја поразат Македонија. Нема да успеете! ЗНАМ не се плаши. Нашите членови не се плашат. Македонија нема да се плаши! Секој обид за заплашување само ја зајакнува нашата борба. А тоа е вашиот страв, затоа што знаете дека народот веќе не ви верува, дека ЗНАМ расте, а вашиот систем се распаѓа – рече Димитриевски.

Тој повторно го повика Филипче на телевизиски дуел откако лидерот на СДСМ седум дена не одговара на првата покана

– Јас не сум човек што молчи, јас сум човек што ги сака својот народ и својата татковина. Венко, повторно денес те повикувам – излези, соочи се, зборувај пред народот! Избери медиум, избери време, избери место! Како помош и логистика земи го со тебе и твојот ментор Зоран Заев. Дури ако сакаш може да се соочиме и на „Бихаќка“ – биди опкружен и со 200 партиски активисти околу тебе – од кои најголемиот дел секојдневно вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори – рече Димитриевски.

Тој потсети дека ЗНАМ пред извесен период ја претстави Националната платформа за заштита на македонските национални интереси.

– Во неа не ставивме партиски интереси, туку историја, чест и иднина. Крушевскиот манифест, АСНОМ, нашата вековна борба за држава и за јазик – тоа се темелите на Македонија што ја сакаме. Таа платформа ја испративме со почит, со надеж дека ќе биде почитувана. Но, господата од СДСМ ни ја вратија – неотворена. Не ја прочитаа. Не ја допреа. Не ја почувствуваа. И истите тие се дрзнуваат зборуваат за „црвени линии“. А линиите што тие ги влечат – се линии на поделби, на отстапки, на целосно распродавање на македонските интереси – рече претседателот на ЗНАМ.

ИЗДВОЕНИ