Италијанскиот кошаркар Акиле Полонара (33) откри потресни детали од својата борба со болеста и комата во која падна по трансплантацијата на коскена срцевина.

  • Десет дена бев во кома. Ми рекоа дека имам 90 % шанси да умрам, но сега, конечно, можам да ја напуштам болницата. Не се сеќавам на речиси ништо, како да спиев. Беше тешко, моите надежи беа мали. Кога ги отворив очите, не можев ништо да направам. Сега, дишејќи надвор, надвор од болницата, прекрасно е – изјави Полонара во италијанската ТВ-емисија „Ле Иен“.

Полонара, кој моментално игра за Динамо сасари, во септември беше подложен на трансплантација на коскена срцевина, по неколкумесечната борба со миелоидна леукемија.

Само неколку дена пред планираното отпуштање, тој доживеал емболија, што предизвикало тромбоза и недостиг на кислород во мозокот, што го стави во кома.

Неговата сопруга, Ерика Буфано, откри дека лекарите му дале минимални шанси да преживее.

  • Кога ја извадија сондата, тој се онесвести и доби тромбоза. Мозокот му остана без кислород. Ни кажаа дека неговите шанси за преживување се многу мали – истакна Буфано.

По денови неизвесност, пристигна порака што промени сè: Полонара се разбуди.

  • Кога ги отвори очите, мислев дека сонувам. Не можеше да зборува, но ме препозна. Потоа почна да ги кажува своите први зборови, па дури и да си пее некои песни – открива Ерика.

Неговиот пријател и новинар, Николо де Девитис, потврди дека најлошото е зад него.

  • Пред неколку недели, Акиле беше во кома, но сега се чини дека најлошото помина. Бев сведок на вистинско чудо – рече Де Девитис.

Според „Газета дело спорт“, на Полонара му било дозволено минатиот викенд да ја напушти болницата „Сант’Орсола-Малпиги“ во Болоња. Тој при своето прво излегување во саботата, тој го прослави петтиот роденден на својата ќерка, Виторија.

  • Не бев верник, но многу се молев овие денови. Му велев: „Те молам, не оставај ме, ми требаш“. Негова најголема грижа е дали повторно ќе биде оној стариот. Сега оди на физиотерапија, иако мрмори секој пат кога ќе влезе терапевтот во собата. Сите заедно поминуваме низ ова – и децата – призна Ерика низ солзи и со насмевка.

Акиле Полонара е поранешен италијански репрезентативец и играч на бројни гиганти во Европа, како Фенербахче, Ефес, Виртус Болоња… Но, моментално го игра, можеби, најважниот натпревар во својот живот.

 

ИЗДВОЕНИ