Депото на „пајакот“ полно со хаварисани возила, отстранети дваесетина, но остануваат уште 50!

362

Службите на ЈП „Градски паркинг“, во соработка со Инспекторатот на Град Скопје, спроведоа акција за отстранување на хаварисаните возила лоцирани во депото на секторот Пајак, во согласност со Законот за управување со дополнителните текови на отпад.

Врз основа на законските регулативи и акти на претпријатието, склучен е договор со колективен постапувач и започнувајќи од минатата недела, биле отстранети вкупно 23 отпадни возила, од вкупно 70, лоцирани во депото на секторот Пајак.

– Во депото на секторот Пајак на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, долг временски период се оставаа хаварисаните возила за кои претходно беа спроведени акции за нивно отстранување од јавните површини на територијата на Град Скопје и од површините со кои стопанисува претпријатието. Бројот на хаварисани возила драстично се зголеми, од причина што нивното оставање во депото на секторот Пајак започна пред повеќе од 15 години – соопштија од претпријатието.

При тоа, истакнуваат дека претпријатието работи на акциски план за отстранување околу 100 возила што узурпираат јавни површини на територијата на Град Скопје, како и на паркиралиштата со кои стопанисуваме. На овој начин, претпријатието, во соработка со Град Скопје, ќе ослободи просторот што е зафатен со децении од возила што не се во возна состојба, а истовремено се заборавени од сопствениците – велат од ЈП „Градски паркинг“.

 

 

ИЗДВОЕНИ