Во Кинотеката на Македонија, од 9 до 11 октомври, македонската публика во рамки на Деновите на словенечки филм ќе има можност да погледне три понови словенечки филмови.
Ревијата ќе биде отворена со долгометражниот „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц (9 октомври), филм кој на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања. Во филмот, дејството започнува кога во привидно совршено словенечко семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада. „Филмот започнува како општествена сатира, преку која ги истражуваме современите проблеми, но како што се откриваат слоевите, приказната преминува во истражување на човечката состојба“, вели режисерката. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
На 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник. Во ова акциско-авантуристичко дело група млади скејтери се борат да го спасат своето маалско игралиште. „Со филмот сакам да им ја приближам на децата убавината на играта на отворено и дружбата со врсници, и да им пратам порака дека никогаш не треба да се откажуваат – заедно можеме да направиме промени и да градиме подобра иднина“, вели режисерот.
„Игралиштето не го даваме!“ имаше премиера на фестивалот во Локарно и освои 12 награди, вклучувајќи ја и „Златната ролна“ во Словенија бидејќи филмот го гледале преку 25.000 гледачи.
Завршната вечер, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот, копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија, имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон, а во август беше прикажан и на фестивалот „Македокс“. Досега има освоено две меѓународни награди. „Планината не оди никаде“ е снимен во македонските планини, меѓу стадо од 600 овци чувани од големи кучиња. Прикажува браќа на возраст од осум до дваесет години кои слободното време го минуваат во игра и разговори за животот. „Децата живеат во импровизирани колиби со овците и со кучињата, во селото се враќаат можеби петпати годишно. Тие се едноставни луѓе на земјата – не се водени од пари, туку живеат полнокрвно и во хармонија со сите. Тоа е затоа што отсекогаш го знаеле само тој начин на живот – го наследиле од генерации овчари пред нив. Толку чисти и искрени души се ретки“, вели Селишкар.
Организатори на Деновите на словенечки филм се Словенечкиот филмски центар и Амбасадата на Република Словенија во Скопје, како и Кинотеката на Македонија. Сите филмови се реализирани со финансиска поддршка од Словенечкиот филмски центар и ќе бидат прикажани со македонски и англиски превод (синхронизација или титл).