Со Државниот рецитаторски натпревар на ученици од основното и средното образование од целата земја, на 17 мај започна второто издание на Деновите на поезијата, во организација на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија”, кое официјално ќе биде отворено на 19 мај (18 ч.) во Скопје Сити Мол. Свеченото отворање ќе биде посветено на значајни јубилеи во историјата на македонската поезија. За јубилеите ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, а вовед во програмата ќе даде Владимир Мартиновски, претседател на Македонскиот ПЕН-Центар и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Свеченоста ќе ја води Никола Ристановски, со придружба на студенти од Факултетот за драмски уметности и од Факултетот за музичка уметност при УКИМ.
Поетскиот збор на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, ќе оживее преку нивните најблиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална придружба на Сашо Гигов-Гиш.
Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов, ќе изведат и ексклузивен поетски перформанс „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки”.
На 20 и 21 мај, на Поетската сцена и во книжарницата Литература.мк во Скопје Сити Мол, ќе се разговара за македонско-грчките литературни врски, за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги покренува во добата на современите технологии и за меѓугенерацискиот дијалог во кругот на македонските поети. Во рамките на Деновите ќе настапат и поети дебитанти, избрани на повикот за учество на „Скопје СИ ТИ”. Ќе се читаат и стихови на „Отворената поетска сцена: Сите сме поети!”, што предвидува награди.
Новитет се и настапите на ученици и гимназијалци со креации поврзани со јубилеите, како и изложба за најмладите со сите букви од „Бушавата азбука”.