Со богата и разновидна програма, во Шибеник, во организација на Хрватско-македонска тангента, заврши манифестацијата „Денови на македонската култура“, посветена на 8 Септември, Денот на државноста на Република Македонија
Настаните, кои во текот на повеќе денови го доближија современото македонско творештво до публиката во Хрватска, беа проследени со голем интерес и со позитивни реакции. Во рамките на културната манифестација, на 8 Септември, во Музејот на Град Шибеник, беше прикажан филмот „Стрмоглави“, во режија на Маја Младеновска, а по сценарио на Томислав Османли. Публиката имаше можност да се запознае со филмот што зборува за животите загубени во големите современи превирања и за обидот за спасување на човечкото достоинство низ љубовта што се раѓа меѓу главните ликови, Тони Михајловски и Николина Кујача.
Претходно имаше свечено отворање на културната манифестација „Денови на македонската култура во Шибеник“ и литературно претставување.
На 3 септември, манифестацијата свечено ја отвори советникот за култура на претседателот на Република Хрватска, Здравко Зима, инаку истакнат хрватски писател. Тој посочи дека времето во кое живееме го одбележуваат судири и хаос.
– Благодарение на технологијата, се промени и односот кон просторот и времето, но светот одеднаш како да се смали, па би било смешно, ако не жално, ако ние што живееме на овие простори меѓусебно се однесуваме како странци. Можеби, сме различни, и сме, но не би требало да бидеме странци. Напротив – порача Зима.
Тој додаде дека манифестацијата „Денови на македонската култура“ го слави духовното заедништво, ја слави културата, бидејќи културата што е изолирана, што не излегува од сопствените граници, од сопствениот двор, во крајна линија не може ни да се нарече култура.
Празник на хрватско-македонското пријателство
Учесниците со своја поздравна видеопорака ги поздрави и македонскиот заменик-министер за надворешни работи, Зоран Димитровски, кој честитајќи го Денот на државноста на Македонија, посочи дека оваа манифестација прераснува во вистински празник на хрватско-македонското пријателство. Со промоција на македонските култура, литература, филм, музика и со учество на македонски, хрватски и на регионални учесници во програмата на настаните во Шибеник, се зајакнуваат хрватско-македонските врски и се слави нашето заедништво. Тој, исто така, ја посочи поддршката што ѝ ја дава Хрватска на Македонија, на нејзиниот пат кон ЕУ.
Поздравно обраќање имаше и жупанот на Шибеничко-книнската жупанија, Пашко Ракиќ, а во име на градоначалникот на Град Шибеник се обрати Мирјана Журиќ. Поддршка за Македонија на нејзиниот европски пат изрази и Иван Гулам во својство на својата нова функција – претседател на Заедничкиот советодавен одбор на ЕУ за Македонија. Во име на гостите од Македонија се обрати проф. д-р Соња Бојаџиева од Медицинскиот факултет во Скопје, која и самата се занимава со пишување поезија.
Промоции
На љубителите на литературата им беа промовирани романите „Брод. Конзархија“ од Томислав Османли и „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, а на Зларин беше претставено книжевното и музичкото творештво на сестраниот уметник и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, проф. д-р Владимир Мартиновски.
Промоторката на романот „Брод. Конзархија“, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска од Филолошкиот факултет во Скопје, посочи дека Османли возбудливо, со примеси на иронија и на сатира (негови вообичаени наративни средства), на микрониво открива носталгичен човек проектиран во блиска, отуѓена и хипермеркантилна иднина и дека носталгијата има важно место во овој роман.
– Како и во другите Османлиеви романи, архетипско преплетување на минатото и на иднината, исчезнатото и застрашувачкото, подразбира соочување со проблемите на сегашното време: емиграција, осаменост, консумеризам, еколошка катастрофа… – посочи промоторката Капушевска-Дракулевска.
Современата македонска писателка и преведувачка и добитничка на бројни награди, која моментално живее и работи во Словенија, Лидија Димковска, претставувајќи се пред шибеничката јавност (5.9.2025.), во својот роман „Единствен матичен број“, низ судбината на семејството Аврам, проговори за егзилот, идентитетот и за отуѓеноста, прикажувајќи ја болната реалност на странец што станува само број – во туѓина и во сопствениот дом. Промотор беше проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет во Скопје, кој на својствен и инспиративен начин го претстави книжевното творештво на авторката Димовска, разговарајќи со неа за темите и за мотивите што ги обработува во делата. Публиката, исто така, имаше можност да поставува прашања, со што промоцијата прерасна во отворен и поттикнувачки дијалог.
Од остров на копно кон остров на море
На меѓународната литературна средба на Зларин, насловена „Од остров на копно (Македонија) кон остров на море (Зларин)“, особено внимание привлече настапот на проф. д-р Владимир Мартиновски, на кој беа претставени неговата книжевна и неговата музичка работа, оставајќи силен впечаток кај публиката.
– Владимир Мартиновски е една од водечките фигури на нашата современа поезија. Исклучителен талент, оригинален, автентичен, космополитски надарен со чувства и со имагинација, ритмички пријатен, духовит, сестран, накратко поседува сè што е потребно да создаде нов свет низ поезијата и во обичниот вистински живот – истакна промоторката, проф. д-р Лидија Капушвска-Дракулевска.
Авторот Мартиновски свиреше на изворни македонски инструменти, кои ги донесе од Македонија, за оваа пригода.
На ова културно зближување учествуваа писатели, публицисти и новинари од Скопје, Загреб, Љубљана, Белград, Задар и од Шибеник, создавајќи простор за размена на идеи и за градење ново пријателство меѓу културните средини.
Промоциите на книгите отворија дијалог за современите теми и предизвици во македонското и во поширокото регионално творештво. Водител низ сите содржини беше Никола Урукало, уредник и водител во „Радиоритам“.
Со завршувањето на „Деновите на македонска култура во Шибеник“, уште еднаш беше потврдено значењето на културната соработка и на меѓусебното почитување, како мостови што ги поврзуваат народите и ги зближуваат традициите. Покровители на манифестацијата се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на Град Шибеник, д-р Жељко Буриќ.
Отворени нови можности за соработка во здравството
Во напорите за продлабочување на соработката меѓу македонскиот и хрватскиот народ што ги вложува Хрватско-македонската тангента беше и средбата на проф. д-р Соња Бојаџиева, шеф на Катедрата за педијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје, со раководството на Општата болница во Шибеник, на која беше зборувано за можностите за идна соработка. Под мотото „Нови средби – нови можности“, се оствари средба на гостинката од Македонија со: заменикот на директорот на Шибеничката болница, доц. д-р Марко Скелин; д-р Данчи Миховилчевиќ, спец. по анестезиологија, реаниматологија и интензивно лекување и Николина Вишњиќ Јунанковиќ, помошник на директорот за сестринство. Во текот на средбата беа разменети различни искуства и отворени се нови, бројни можности за соработка во подрачјето на медицината и на здравствената нега.
Од дописникот за ВЕЧЕР од Шибеник, Милена Георгиевска