Во организација на здружението „Хрватско-македонска тангента“, на 3 септември во 19 часот, во Градскиот музеј во Шибеник, официјално ќе биде отворен културниот настан „Денови на Македонската култура 2025“. Настанот ќе го отвори советникот на претседателот на Република Хрватска, Здравко Зима, а се очекуваат обраќања и на Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи на Македонија, Иван Гулам, претседател на Заедничкиот советодавен одбор на Европската Унија за Македонија, претставници на Шибенско-книнската жупанија и градот Шибеник.
Програмата, која трае до 8 септември, ги здружи учесниците од Македонија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија, носејќи богати и разновидни содржини: промоции на книги, форуми, филмски проекции, поетски читања и средби меѓу авторите и публиката. На отворањето, заедно со обраќањата и доделувањето на признанија, ќе биде претставено и литературно дело од истакнатиот македонски писател, сценарист и новинар, Томислав Османли – романот „Брод. Конзархија“, добитник на бројни светски награди. Промотор е проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, Филилошки факултет, Скопје.
Следниот ден, 4 септември, на Зларин ќе се одржи веќе препознатливата Меѓународна литературна средба „Од остров на копно (Македонија), кон остров на море (Зларин)“ со учество на поети, писатели, професори, публицисти и новинари, настан што се одржува од 2014 година. Програмата вклучува и богат литературен корпус каде што поети, писатели и публицисти од Скопје, Љубљана, Загреб, Задар, Сплит и Шибеник ќе читаат свои песни или извадоци од своите дела. По тој повод ќе биде претставено литературното и музичкото творештво на сестраниот уметник и писател проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Дел од овој настан е посветен на островот Зларин, Весна Парун и Малден Бјажиќ.
На 5 септември, во „Цивитас Сакра“ (Шибеник) во 18 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, македонска писателка и преведувачка која живее во Љубљана. Нејзиниот најнов роман „Единствен матичен број“ (2023) ја доби највисоката македонска награда „Роман на годината“ и регионалната награда „Штефица Цвек“, а Меѓународниот литературен фестивал„ Фабула“ го избра за едно од најдобрите литературни дела на словенечката литература во последните две години.
На 8 септември, во 18:30 часот, во Градскиот музеј во Шибеник ќе биде претставен македонскиот филм „Стрмоглави“, во режија на Маја Младеновска, сценарио на Томислав Османли. „Стрмоглави“ е филм за животи изгубени во големите современи општествени превирања.
Со овие културни настани, Шибеник ќе стане место за средби за различни уметнички изрази, дијалог и пријателство меѓу културите од регионот на почетокот на септември. Влезот за сите настани е бесплатен, а граѓаните и посетителите се поканети да ја поддржат и да уживаат во богатството на македонскиот, хрватскиот и регионалниот културен живот.
Деновите на Македонската култура се одржуваат по повод 8 септември – Денот на државноста на Македонија. Покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на градот Шибеник, д-р Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на Шибенско-книнската жупанија, Градот Шибеник и Туристичките заедници на Шибенско-книнската жупанија, градот Шибеник и Зларин, а во соработка со Градскиот музеј на Шибеник.
(од дописникот на весникот ВЕЧЕР од Шибеник, Милена Георгиевска)