Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград, завчеравечер, пред бројни гости, меѓу кои и најмлади претставници на македонската заедница од Јабука, Србија, започна манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2025“.

Притоа, книгоиздателството „Едука“ претстави 6 најнови книги и сликовници за деца, а беше врачена и наградата „Литературни пишувалки-прашувалки“, која годинава за сликовницата „Пчеличката Баз“, ја доби авторката Билјана Лотеска.

Деновите на македонската литература за деца во Белград продолжија во петокот со посета на детска градинка, каде на дечињата им бидат подарени сликовници на македонски јазик како и ракотворби за деца со македонски обележја.

Денешниот ден, 25 октомври, ќе биде посветен на потпишување Меморандум за соработка помеѓу српското книгоиздателство за деца „Пчелица“ и нашето книгоиздателство „Едука мак“. Потпишувањето на овој документ ќе се случи на Саемот на книгата во Белград, чие 68. издание годинава ќе се одржува од 25 октомври до 2 ноември.

Домаќини и организатори на тридневниот литературен настан се македонскиот КИЦ во Белград и директорот Васко Шутаров, идејниот автор, носител на проектот и соорганизатор на настанот, Ели Маказлиева и „Едука мак“, а главен поддржувач на книжевното гостување во Белград е македонското Министерство за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ