
Според календарот на МПЦ денеска се празнува Св. пророк Илија-Илинден, кој има посебно значење за Македонците, бидејќи се слави и како верски и како национален празник, Ден на Републиката.
Свети Илија беше Евреин. Живееше далеку пред Христа. Потекнуваше од градот Тесвит, по што и беше наречен Тесвиќанец. Кога се роди, околу него татко му виде Божји ангели како го повиваат во оган и го хранат со пламен, што укажуваше на неговата подоцнежна пророчка служба.
Пророкот Свети Илија зазема значајна улога во религиите на христијаните и Евреите, а се спомнува и во Куранот. За него најмногу е напишано во Третата и Четвртата книга „Царства“, а помалку во Втората книга „Паралипоменон“ и „Книга на Малахија“.
Пророкот Свети Илија се појавува во третата и четвртата книга „Царства“ како Илија „Тишвитјанинот“ (што најверојатно посочува на неговото родно место Тишве), за да го насочи својот еврејски народ кон вистинскиот Бог, бидејќи дотогаш народот потпаѓал под влијанието на Езавел, сопругата на царот Ахав. Според верувањата, кога Свети Илија се родил, неговиот татко Савах видел ангели околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Името Илија во превод значи “Мојот Бог е Јахве“, и можеби му било додадено подоцна, поради неговите проповеди. Младоста ја поминал во пустината, проучувајќи ја молитвата и религијата. Неговата главна одлика е тоа што верата ја ширел многу брзо и без страв. Во тоа време, на тамошните простори била развиена многу и феникиската вера, поддржувана од самиот цар. Со неговите јавни настапи, тој предизвикувал големи нереди по целиот Израел.
Кога Јован Крстител и Исус Христос ја проповедале својата вера, некои Евреи сметале дека некој од нив е самиот Свети Илија. Исус Христос вели дека Јован Крстителот е Илија, кој ќе се појави на „големиот и ужасен ден“, како што предвидел самиот Малахиј. Свети Илија и Мојсеј се јавиле на Исус Христос на денот на Воскреснувањето. За последен пат Свети Илија се споменува од страна на Исус Христос на крстот, кога оние пред крстот сметале дека го вика Илија на помош.
Свети Илија е едиствениот пророк кој на небото воскреснал жив. Тој е еден од најзначајните светци во христијанството.
Во народните верувања на словенските народи, светецот Илија добил особини од словенската митологија. Бидејќи библиското предание вели дека се искачувал на небото во огнена кочија, старите словенски народи го поистоветувале Илија со врховниот бог Перун во својство на „Перун Громовник“. Тој создавал молњи, громови и бури и, поради истите особини, е наречен Илија Громовник.[1] Поради неговата моќ да предизвикува бури, понекогаш св. Илија трпи непријатности. На пример, во кавкаската бајка „Сончевата ќерка“, еден човек (чија сестра е омажена за Сонцето) го посетува својот зет за сестра и таму го среќава св. Илија, кого го претепува, а потоа и го ослепува затоа што светецот му пуштил град со кој му го уништил житото.
Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.
Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…