Денеска се празнува Рождество на Пресвета Богородица, празник познат и како Мала Богородица – почетокот на сите празници

57

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат и како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се служат празнични литургии.

Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица  е еден од 12 големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица. Богородица е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.

Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај Македонците. Многу цркви во Македонија се посветени на неа.

Стефан Верковиќ сведочи дека во Гевгелиско, празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух. Таа икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела. Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на камбанаријата. Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. Тогаш селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица која што тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето што отишле да ја викаат да се врати за поклон и носеле една литургија. Таа не се вратила, но во сон им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци, да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела. Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее. Тановиќ сведочи дека и во негово време жителите на ова село верувале дека нивното село не можело да настрада од чума зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.

ИЗДВОЕНИ