Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест, предупредува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).
Во обраќањето по повод 4 Февруари – Светскиот ден за борба против ракот се наведува дека алармантен е податокот дека во 2024 година со организираниот скрининг биле опфатени само околу 10 отсто од целната група жени, далеку под минимално потребниот праг за ефикасна превенција.
Обележувањето годинава се прави под мотото „Обединети во нашата уникатност“ при што се истакнува потребата здравствениот систем да ги стави луѓето и нивните реални потреби во центарот на здравствената заштита, со посебен фокус на жените и ранливите групи.
-Анализите и искуствата од терен покажуваат дека превентивната здравствена заштита не е приоритет во здравствените политики. Буџетот за превентивни програми со години стагнира и не го следи растот на трошоците и инфлацијата – во 2025 година изнесуваше 672,5 милиони денари, а за 2026 година се планирани 677 милиони денари. Истовремено, за скрининг на малигни заболувања се издвојуваат само 23 милиони денари годишно, сума што останува непроменета со години и треба да опфати четири различни малигни заболувања. – се наведува во обраќањето.
Особено загрижува состојбата со скринингот за рак на грлото на матката. Програмата, воведена уште во 2012 година, располага со само 11 милиони денари годишно, што не овозможува соодветен опфат и квалитет. Недостигот од гинеколози во околу 40 општини, ограниченото функционирање на мобилната гинеколошка амбуланта и административните бариери дополнително го отежнуваат пристапот на жените до навремена превенција.
Додека повеќе земји од Европската Унија се приближуваат кон елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, кај нас ова заболување и понатаму одзема животи кои можат да се спасат. Ефикасен и соодветно финансиран скрининг, заедно со висок опфат со ХПВ вакцинација кај девојчињата и момчињата, се клучни мерки за спречување на овие поразителни статистики.
-Затоа, ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи. Превенцијата спасува животи. Вложувањето во рана детекција не е трошок, туку инвестиција – и во здравјето на жените и ранливите групи, и во одржливоста на целиот здравствен систем – потенцираат од ЕСЕ.












