Стабилниот курс на денарот во однос на еврото и натаму ја зајакнува довербата во економијата, инфлацијата бележи стабилизирање и натамошно намалување во текот на годината. Според гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, овие податоци кажуваат дека монетарната политика ја исполнува својата главна цел – одржување на ценовната и на финансиската стабилност.
– Стабилниот девизен курс на денарот, кој се одржува веќе со децении, претставува клучен фактор за доверба и конкурентност на домашната економија – вели Славески.
Во однос на инфлацијата, гувернерот посочува дека ценовните движења се стабилизирани, а во некои месеци минатата година дури се забележало и намалување на месечното ниво на цените. Народната банка очекува дека трендот на намалување ќе продолжи и во 2026 година, приближувајќи ја инфлацијата кон просекот на еврозоната.
Славески, исто така, нагласи дека банкарскиот систем располага со значителен вишок ликвидност, што овозможува стабилни и предвидливи финансиски услови. Порастот на штедењето во домашна валута ја зајакнува довербата во денарот, а девизните резерви се одржуваат на високо ниво од околу 4,9 милијарди евра, обезбедувајќи сигурност против надворешни шокови.
– Монетарната политика успешно ја штити стабилноста на цените и финансискиот систем. Ова е предуслов за одржлив економски пораст и за сигурност на домашната економија – заклучува гувернерот Славески.












