Народната банка го објави Извештајот за работењето за периодот 2018 – мај 2025 година, којшто ги опфаќа клучните активности, политики и мерки спроведени во време на исклучително сложени светски и домашни околности.
Во своето обраќање во Извештајот, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска нагласува дека во овој период централната банка успешно се справи со предизвиците од пандемијата, енергетската и ценовната криза, светските геополитички тензии и со ризиците од деглобализација. Со посветеност, професионализам и знаење, Народната банка не само што ја зачува, туку и ја зајакна макроекономската и финансиската стабилност, со што даде силна поддршка за граѓаните и за стопанството.
Гувернерката посочува дека денарот остана стабилен, и покрај големите надворешни и домашни притисоци, а девизните резерви се двојно зголемени. Банкарскиот систем е посилен, со историски највисоко ниво на капитална адекватност и најниско ниво на нефункционални кредити, а кредитната поддршка за компаниите и за граѓаните и натаму се обезбедува со каматни стапки коишто за првпат во нашата историја се сведоа речиси на европските нивоа.
Во Извештајот се бележат и најважните стратегиски достигнувања, меѓу кои: членството во највисокиот статистички стандард на ММФ – СДДС плус (18-тата земја во светот); позитивната оцена од Европската комисија за усогласеноста со стандардите на ЕУ во банкарската регулатива и супервизија (26-тата земја во светот); членството во СЕПА – значаен исчекор за интеграција во европскиот финансиски простор и брзо и ефикасно извршување на плаќањата во евра, како и во европските земји и пред полноправното членство на земјата во ЕУ; воспоставувањето институционална рамка за решавање банки; историски високото ниво на девизните резерви и стабилноста на денарот, како и првата национална Стратегија за финансиска писменост и инклузија со акцент на младите, жените и ранливите групи; водечкото место на светско ниво во родовата застапеност според ОМФИФ (прворангирана централна банка во светот); високата оцена за транспарентноста од ММФ; донесувањето на првата финтек-стратегија и среднорочниот план за климатските ризици.
Извештајот претставува сведоштво за визијата на Народната банка како независна и стабилна институција, којашто придонесува за одржлива и зелена економија и за подобар живот на граѓаните.