Во Кинотеката на Македонија, на 17 јануари 2026, ќе се одржи Денот на младата публика, како дел од официјалната програма на „European Young Audience Award“ – престижна награда што претставува официјална категорија на Европските филмски награди. На настанот во Скопје ќе учествуваат 50-60 ученици од основните и од средните училишта, кои истовремено со илјадници свои врсници од цела Европа ќе ги гледаат номинираните филмови и ќе гласаат за својот фаворит.

Победничкиот филм ќе биде прогласен истата вечер, во рамките на свечената церемонија на Европските филмски награди. Покрај филмски проекции, програмата вклучува и интерактивни дискусии насочени кон развивање критичка мисла, медиумска писменост и филмска култура кај младата публика. Настанот е во организација на Агенцијата за филм, во соработка со Европската филмска академија и Кинотеката на Македонија.

Номинациите за „European Young Audience Award 2026“ неодамна беа објавени во Севиља, со што официјално започна европската кампања за промоција на трите филма избрани за младата публика (12+).

Меѓу трите номинирани филма се најде ARCO на францускиот режисер Ugo Bienvenu. Приказната е сместена во 2075 и ја следи десетгодишната Ирис, која станува сведок на падот на мистериозно момче во костим како виножито. Aрко доаѓа од далечна иднина во која е возможно патување низ времето, а одлуката на Ирис да му помогне да се врати дома ја отвора приказната за пријателството, храброста и за одговорноста. Вториот филм, „I Accidentally Wrote a Book“ во режија на Nóra Lakos, е унгарско-холандска продукција што нуди топла и инспиративна приказна за 12-годишната Нина. Преку процесот на пишување, таа постепено ги открива историјата на своето семејство, сопствените емоции и својот креативен глас. Филмот се издвојува со уникатен визуелен стил, кој умешно ја комбинира играната форма со анимација. Третиот филм во селекцијата е „Siblings“ во режија на италијанската режисерка Greta Scarano. Филмот ја следи Ирен, која се враќа во родното Римини за да се грижи за својот брат Омар, кој е аутистичен. Неговата желба да стане независен и да настапува како пејач ги носи двајцата низ интензивен „курс за возрасни“, кој ги соочува со предизвици, но и со можност за длабока лична трансформација.

ИЗДВОЕНИ