„Ден без купување“ како противотров“ за „Црниот петок!“

1

Иако глобалните настани за купување како „Црн петок“ постојат со децении, антипотрошувачките движења, предводени од „Денот без купување“, (Buy Nothing Day), привлекуваат сè поголем број поддржувачи во обид да ги истакнат штетните ефекти од прекумерното трошење.

Трендот на прекумерно трошење, поттикнат од социјалните медиуми, инфлуенсерите, агресивните маркетиншки кампањи и постојаните попусти, се интензивираше во последните години, пренесува „Еуроњуз“.

Денешниот „Црн петок“ (Black Friday) и официјално го означува почетокот на сезоната на празнично купување, некогаш еднодневен настан, сега го опфаќа викендот, вклучувајќи го и понеделникот, а во некои региони и целата недела.

Затоа низ целиот свет растат антипотрошувачките движења кои сакаат да ги ублажат ефектите од масовното купување.

Најпознат од нив е „Денот без купување“ меѓународен ден на протест што се одржува на истиот ден како и „Црн петок“.

Движењето ги охрабрува граѓаните да не купуваат ниту еден производ 24 часа, ниту преку интернет ниту во продавниците, со цел да го привлечат вниманието кон негативните последици од прекумерната потрошувачка.

„Денот без купување“ беше лансиран во 1992 година од канадскиот уметник Тед Дејв, а подоцна популаризиран глобално од антипотрошувачкото списание „Adbusters“, а сега се одбележува во повеќе од 60 земји.

Движењето, исто така, има за цел да го намали отпадот, да ја подигне свеста за влијанието на пакувањето, транспортот и производството врз животната средина, како и да поттикне повнимателни потрошувачки навики.

Се промовираат активности кои не се базираат на потрошувачка, како што се поминување време со семејството и пријателите, поминување време во природа, учество во локални настани и зајакнување на заедницата.

Движењето, исто така, укажува на пошироки социјални прашања, вклучувајќи ја социјалната нееднаквост и заштитата на животната средина.

Се нагласува повторна употреба и купување производи од втора рака, што го намалува отпадот и им помага на домаќинствата со пониски приходи.

Поради фактот што се одржува на истиот ден како „Црниот петок“, „Денот без купување“ стана еден вид „противотров“ за глобалната потрошувачка култура, но исто така предизвика поделени мислења на интернет.

Некои ја поддржуваат штедливоста и одржливото купување, додека други веруваат дека, во време кога поранешните животни цели како што се купување куќа или сигурно пензионирање се недостапни за помладите генерации, малите лични „луксузи“ не треба да се осудуваат.

Оваа година, „Црниот петок“ се соочи со уште поголеми критики поради растот на антипотрошувачките иницијативи и бојкоти, вклучувајќи ги „Ден без купување“, кампањата „Не купуваме“ и „Натерајте го Амазон да плати“.

Масовниот бојкот на купувањето е започнат и од 25 ноември до 1 декември, првенствено насочен кон големите корпорации како што се Амазон, Хоум Депо и Таргет, поради наводни кршења на работничките права, поддршка за Доналд Трамп и повлекување од програмите за еднаквост, разновидност и инклузија.

Организаторите на овие кампањи ги повикуваат граѓаните да ги поддржат локалните, одржливи и продавници за половна облека, особено оние во сопственост на малцински и имигрантски заедници, наместо големите синџири за време на празниците, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ