Граѓаните на Венеција денес протестираа на плоштадот Свети Марко против свадбата на милијардерот Џеф Безос, закажана за сабота во градот.

Учесниците држеа транспаренти со слогани против Безос, а воедно повикуваа и на мир во Појасот Газа, објавува „Анса“.

Двајца облечени како младенци стоеја на пиедестал за да одржат „свадба“, додека еден млад човек и една млада жена се обидоа да се искачат на јарболите пред базиликата.

Полицијата интервенираше, но демонстрантите пружија пасивен отпор, лежејќи на земја, пред безбедносните сили да ги однесат во станицата за идентификација.

Безос и неговата свршеница Лорен Санчез ја сменија локацијата на нивната свадба и решија да се венчаат во сабота во помалку прометен дел од Венеција, по масовните протести против одржувањето на настанот во центарот на градот.

Приемот беше планиран да се одржи во Палацо Мисерикордија од 14 век, но по протестите во кои некои учесници се заканија дека ќе „пуштат крокодили“ во венецијанските канали, Безос и Санчез ја сменија локацијата.

Наместо тоа, двојката ќе се венча во Палацо Арсенале, на Канале Галеазе, на источниот дел од островот, објави „Sky tg24“. Големи јахти и приватни авиони почнаа да пристигнуваат во Венеција во вторник за големата свадбена прослава, која ќе трае од четврток до сабота.

ИЗДВОЕНИ