петок, февруари 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Демократски сојуз бара итна забрана на производство на марихуана

Демократски сојуз бара итна забрана на производство на марихуана

27

Демократскиот сојуз денеска побара македонското Собрание по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.

Во партиското соопштение се наведува дека досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.

-Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание – потенцираат од оваа партија која е дел од владиното мнозинство.

Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.

-Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен. Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата. Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои  затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите. Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е  злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени – нагласуваат од ДС. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ