Фудбалерот на ПСЖ и репрезентативец на Франција, Осман Дембеле, ја освои „Златната топка“, најпрестижната индивидуална награда во светот на фудбалот. Дваесетиосумгодишниот Французин беше клучниот играч во историскиот прв триумф на ПСЖ во изминатата сезона во Лигата на шампиони кога во финалето го совладаа Интер со убедливи 5:0.

  • Неверојатно и извонредно, она ​​што ми се случи, рече Дембеле откако ја прими Златната топка од рацете на легендарниот Роналдињо, па додаде:
  • Сезоната со ПСЖ беше неверојатна. Малку сум нервозен… Да го земам овој трофеј и да го примам од рацете на Роналдињо – нереално. Благодарам на ПСЖ што ме донесе во 2023 година, благодарам на тимот, клубот што е како семејство, претседателот, целиот персонал – и секако Луис Енрике, кој ми е како татко – рече Дембеле.

Втор во изборот за наградата „Златна топка“ беше тинејџерот на Барселона, 18-годишниот Ламин Јамал, додека трет беше клупскиот колега на Дембеле, Португалецот Витиња.

За најдобра фудбалерка е избрана Шпанката Аитана Бонмати, која победи во изборот пред Мариона Калдентеј.

Стратегот на ПСЖ, Луис Енрике, беше избран за најдобар тренер за сезоната 2024/25 во која со францускиот тим ја освои Лигата на шампиони.

Во конкуренција за престижната награда беа и Антонио Конте, Ханси Флик, Енцо Мареска и Арне Слот.

ПСЖ го освои признанието за најдобар машки, а Арсенал за најдобар женски клуб во изминатата сезона.

Наградата за тренер на годината во женска конкуренција ја доби Сарина Вигман, која ја предводеше Англија до европската титула.

Чуварот на мрежата на Манчестер Сити, Џанлуиџи Донарума, го освои трофејот „Лав Јашин“ за најдобар голман во сезоната 2024/25 за неговите настапи со неговиот поранешен клуб ПСЖ. Ова е втор пат во неговата кариера Донарума да ја освои наградата, откако признанието го одби и во 2021 година за неговата европска титула со Италија.

Напаѓачот на Арсенал и поранешен играч на Спортинг Лисабон, Виктор Ѓокереш, ја освои наградата „Герд Милер“, која се доделува на најдобриот стрелец.

Втора година по ред, Јамал ја освои наградата за најдобар млад фудбалер под 21 година, додека наградата за најдобра млада фудбалерка во сезоната 2024/25 ја освои фудбалерката на Барселона, Вики Лопез.

 

 

ИЗДВОЕНИ