Лидерите на Европската Унија се согласија за речиси сите клучни точки на агендата, од проширувањето и Блискиот Исток до миграцијата, но ги очекува долга ноќ бидејќи најтешкото прашање останува на маса – финансирањето на Украина. Делегациите се уште се далеку од договор, пишува „Политико“, повикувајќи се на изјави на европски претставници.
Во случај на неуспех на преговорите, претставниците на ЕУ веќе истражуваат правен маневар што би ја заобиколил унгарската блокада. Овој алтернативен план би овозможил заедничко задолжување за помош на Украина и се базира на механизам познат како „засилена соработка“. Главната опција, користењето на замрзнатите руски средства, се уште е на маса, но наидува на пречки поради приговорите од Белгија.
Група земји предводени од Италија и Белгија се залагаат за активирање на „засилена соработка“, што би ѝ овозможило на Унијата да го заобиколи правилото за едногласност. Иако таков договор сè уште би барал одобрение од сите 27 земји-членки, конечниот аранжман би вклучувал помала група земји што учествуваат во финансирањето, со исклучок на Унгарија.












