Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ успешно ја заврши акцијата за уредување две јавни парцели на територијата на Делчево, кои добија целосно нов и разубавен изглед со садењето сезонско цвеќе и уредувањето со декоративен камен.
Како што информираат од претпријатието, активностите се дел од континуираните заложби за подобрување на урбаното зеленило и за создавање поубаво, почисто и попријатно опкружување за граѓаните.
– Со внимателен избор на сезонските насади и со деталното уредување, двете парцели се претворија во освежени зелени катчиња што значително го подобруваат изгледот на просторот – истакнаа од ЈКП „Брегалница“.
Оттаму најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со слични активности, со цел создавање поуредено и поубаво Делчево, во интерес на сите граѓани.












