Во Музејот галерија Кавадарци, на 3 октомври, во 20:00 часот ќе биде отворена самостојна изложба на македонскиот уметник Трајче Чатмов.
– Трајче Чатмов (Скопје, 1971 г.) е еден од водечките современи македонски сликари. Неговиот ликовен опус последниве две-три години ( 2023-2025) импресионира со бројноста и со квалитетот на насликаните и изложени дела, што покажува дека тој е плоден автор, кој се движи кон самиот врв на своето творештво и тематското богатство што се движи во широк распон – од акт и фокус врз одделни предмети, суштества и фрагменти до актуализација на познати митски слики, значајни епски, историски и библиски приказни. Исто така, се карактеризира и со вештината на користење разновидни вештини: акрил на платно, цртежи, акварели и лавиран туш на хартија и бројни комбинирани техники. Со својата ликовна поетика, ја избегнува чистата апстракција и се потпира врз начелото на алегорината визија на светот, прикажана со помош на експлозивни и страсни ликовни експресии – вели, меѓу другото, академикот Катица Ќулавкова за творештвото на Чатмов.