„Тајна“ е насловот на самостојната изложба од м-р Мирјана Крстева-Масети која беше отворена во средата, на 28 мај, во Cite‘ internationale des arts во Париз. Таа пред француската јавност се претставува со дваесет дела работени во комбинирана техника, кои ја демистифицираат нејзината тајна, како синтагма за едно патување низ универзумот. Инаку, во период од два месеци до една година, во Маре или на Монмартр, Cité internationale des arts станува резиденција на уметници од целиот свет што ги здружува во срцето на Париз и им овозможува да имплементираат истражувачки проекти во сите дисциплини. Крстева-Масети по вторпат, по 2015 години, учествува оваа година.
Еве што за своите дела и за самиот престој во Париз за весникот ВЕЧЕР по изложбата, ни изјави уметницата Крстева-Масети:
„Заклучена во сопственото сознание се прашувам дали некогаш некој избегал од судбината… Се прашувам дали има нешто поважно од страста? Страста со која го живееме животот… Изложбата претставува сублимат од визуализирани размисли за моето сопственото постоење. Изложувам дваесетина дела работени во комбинирана техника кои демистифицираат една тајна, како синтагма за едно патување низ универзумот. На патот кон катарзата… Визуелниот импакт, Немезис, безброј холограмски допири, ужасот, слобода, ти, Апсолутот, време, Бог, љубов, тихувања, неименливото… Копнеж. Моето патување низ станиците на Универзумот… Истражување на толкувачки секвенци, не за објаснување на стварноста, туку обид да креирам една. Трагајќи по вистината, барајќи одговори на сè уште непоставени прашања преку интуитивна експресивност создавам апартен свет, свет од другата страна на огледалото. Делата се отелотворени преку синхрон на повеќе ликовни елементи. Тематски, персоналната пурификација, катарзата е третирана од религиски и од аспект на психоанализа. Светата тајна исповед како чин на духовно спартанство, кое води кон мистично растење е името на секое дело на дводимензионална површина застапено во овој циклус. Христијанските симболи евидентни во сликите наративно откриваат миг од моите размисли за сакралното. Тие немо сведочат за патот кон блаженото тихување, за оној пат кон хипнотизирачката светлина. Исповедта е крик, а не шепот, бег во минатото за да ја сфатам сегашноста и да ја живеам иднината. Сопствената драма полна со противречности претопена во форма, текстура и пигмент загатливо, но искрено рефлектира за битката сам со себе, кон катарзата. Несвесното сонување, волшепството на сеќавањето копнеат за азил на духот во форма на персонална катарза“.
Инаку, вели Масети, Република Македонија има свое ателје во ‘Сите дес артс’ од 2002 година, кога Министерството за култура потпиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз. Таа додава дека во Градот на уметностите има повеќе од 300 ателјеа, главно сместени во центарот на градот, а мал дел и на Монмартр. Тие се целосно опремени за повеќемесечен престој и секогаш се полни со уметници од целиот свет, понекогаш и независно од тоа за чие ателје се работи. (Љ.А)