Со концертот на дела од македонски композитори за камерен оркестар, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, на 29 март во 20:00 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија ќе биде отворено 48. издание на фестивалот „Денови на македонската музика“. На програмата, вечерта на свеченото отворање, ќе бидат изведени композиторите Дарија Андовска со „PRE OoTtOoNnO – OoTtOoNnO PRE“, Валентина Велковска-Трајановска со „Зора“, Панде Шахов со „Езера“, Властимир Николовски со „Стари танци“ и Кирил Македонски со „Адаџо“. Концертот ќе биде исполнет од фестивалскиот камерен оркестар, под диригентската палка на Иван Еминовиќ.
„Денови на македонската музика“, фестивал организиран од Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ, откако првично беше закажан за март–април, беше одложен за есенскиов период и ќе се реализира со приспособена програма, нудејќи богат избор на премиерни изведби и стилски разновидни музички дела. Куратор на годинашното издание е композиторот Филип Иванов.
Публиката до 16 октомври, на неколку локации во Скопје (Филхармонија, Национална опера и балет, Музеј на македонската борба), ќе може да проследи повеќе настапи, креативни остварувања на македонските композитори низ изведбите на реномирани уметници и ансамбли, кои заедно придонесуваат во обликувањето на денешната современа музичка сцена. На десет концерти ќе бидат претставени дела од повеќе од 30 македонски автори. Ќе настапат седум ансамбли и камерни состави, како и повеќе од 30 солисти, а свеченото затворање на фестивалот со оркестарот „Филхармонија“ ќе биде во знакот на одбележувањето на два големи авторски јубилеја. Во фокусот на годинашното фестивалско издание ќе биде одбележувањето на јубилеите на композиторите Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), автори и дејци што имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз.

– Програмата на ДММ 2025 опфаќа дела од различни творечки периоди на македонската уметничка музика и автори од повеќе генерации. На тој начин се нагласуваат континуитетот на современата македонска музичка мисла, нејзината динамика и отвореноста кон современите естетски текови. Манифестацијата, која полека заокружува петдецениско постоење, е од исклучително значење за целокупната македонска музичка култура и уметност и директно влијае врз нејзиниот развој, усовршување, но и врз нејзиното афирмирање и доближување до светските музички трендови – посочуваат од СОКОМ.
Меѓу ансамблите и уметниците во програмата оваа година се запишуваат: Фестивалскиот камерен оркестар под диригентство на Иван Еминовиќ, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски, гудачкиот квартет „Атака“, Македонската филхармонија со маестро Борјан Цанев, дувачкиот квинтет „Philharmonic5“, дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс“, како и меѓународниот гостин – пијано-триото „Astnide“ од Германија. Традиционално, фестивалскиот подиум ќе им биде отстапен и на најмладите – композиторите и студентите по музика.
Фестивалот е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и финансиски е поддржан од Министерството за култура. Автор на графичкото решение на 48. „Денови на македонската музика“ е Владимир Лукаш.
Влезот на сите настани е слободен.