Дела на современи македонски уметници пред турската публика; Изложбата „Простори на конјункција“ во македонскиот КИЦ во Истанбул  

47

По Софија и Белград, трета дестинација на патувачката изложба „Простори на конјункција“ на Националната галерија на Македонија е градот на Босфор, Истанбул. Изложбата, која вклучува дела на повеќе современи македонски уметници, ќе биде отворена на 8 октомври, во 19:00 часот, во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, од страна на директорот на Центарот, Диме Ратајковски, и на директорот на Националната галерија Македонија, Али Синани.

– Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективната меморија и со културните матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“. Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку и градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори туку и како активни стратегии за премостување на личното и на колективното. Оваа изложба нè поканува на плуралистичко, критичко и емотивно патување низ спомените, границите, колективните структури и нестабилните текови на значењето. Таа е документ и мапа. Ја означува територијата каде што се спојуваат материјалите и идеите, каде што споменот не е стабилен, туку станува, како колаж, жив организам што повикува повторно да се состави. Искусете ги овие простори на конјункцијата како жив терминален систем: отворен, сложен и неизвесен – посочува д-р Ана Франговска за изложбата.

На изложбата се застапени уметниците: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Марија Сотировска, Мариго Исеини и Игор Сековски, а кураторскиот тим освен Франговска го сочинуваат и Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска.

ИЗДВОЕНИ