Дела на македонските уметници Андреевски и Пијанманов во Грција: Меѓународна изложба на островот Андрос

62

Македонските уметници Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов со свои дела се дел од изложбата што беше отворена деновиве, во главниот град Хора на островот Андрос во Грција, а која произлезе од интернационалната уметничка работилница одржана во текот на јуни, на овој остров, со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (Aligned to the horizon).

На работилницата, покрај македонските уметници, учествуваа и: Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут).

Деветтемина уметници се нурнаа во пејзажот, архитектурата и во приказните врежани во камењата и во древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела во текот на својот престој во резиденцијата „Амалија гарденс“ во Витали, на Андрос.

Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметничките дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечкото присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки.

Преку оваа интеракција со островот и со неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како служат овие елементи како живи сведоштва за долгогодишната, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина, како може да се приспособат минатите начини на живот на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми.

Целта на резиденцијата и на изложбата е да се истакне безвремената релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.

Иницијативата ја спроведува Здружението „Амалија гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнери Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија гарденс“ има цел не само да ја промовира современата визуелна уметност туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.

ИЗДВОЕНИ