-Интензивните врнежи од дожд предизвикаа да се полнат акумулациите со кои стопанисува АД ЕСМ. – Очекуваме дополнителните врнежи да не претставуваат никаков проблем за делумна преработка преку агрегатите и да бидат дел складирани во акумулацијата за понатамошниот период од грејната сезона – посочуваат од АД ЕСМ.

АД ЕСМ планира да го зголеми вкупното производство од хидроенергија   за околу 50 гигават-часови годишно. За таа цел, се очекува до крајот на годинава да почнат со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – фаза 3, а ќе бидат шест хидроцентрали. Со новиот Закон за енергетика, донесен во мај 2025   година, хидроцентралите што практично функционираат како „водни батерии“, добиваат шанса да станат оператори за складиште на енергија.  Во вкупниот инсталиран електроенергетски капацитет, обновливите  извори во 2024 година учествувале со 56 %, и тоа големите хидроцентрали со 24 %, а соларните со 28 %. И натаму доминираат  термоелектраните. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на  прашањето за затворањето на капацитетите на јаглен, вели дека не постои затворање без план, ниту сигурност без алтернативи

 

Интензивните врнежи од дожд предизвикаа да се полнат акумулациите со кои стопанисува АД ЕСМ. Оттаму информираа дека иако расте нивото на сите акумулации, нема опасност од прелевање и покрај најсилните дотоци на вода во последните седум години. Поради сушниот период овие пролет и лето, акумулациите беа исполнети од 40 до 45 проценти, поради што АД ЕСМ речиси и да не ги користеше енергетските капацитети заради заштеда на хидропотенцијалот.

Од реките во Струшкиот Регион се полни акумулацијата „Глобочица“, работењето на хидроелектраните „Глобочица“ и Шпилје“ е приспособено на состојбата. Реките Радика и Црн Дрим со своите притоки се влеваат во акумулацијата „Дебарско Езеро“, што услови зголемување на нивото за два  метра.

– Котата на „Дебарско Езеро“ пред водниот бран, односно на 17. Месецов, беше  562,48 метри, со вкупен доток од 40 кубни метри во секунда. Котата сега е 564,55 метри. Вкупниот доток од 128,50 кубни метри вода во секунда од локален слив е  104,32, дополнително и дотокот од ХЕ „Глобочица“ од 24,19 кубни метри во секунда. Тоа значи дека има пораст од два метри за четири дена, со наврнати 95 литри на квадратен метар – велат од АД ЕСМ.

Водите од акумулацијата што ги користи ХЕ „Шпилје“ за производство на електрична енергија, имаат максимална кота е 580 метри надморска височина, и е со вкупен волумен од 506 милиони кубни метри вода.

– Погонската подготвеност на ХЕ „Шпилје“ е на највисоко ниво со сите три агрегати. Очекуваме дополнителните врнежи да не претставуваат никаков проблем за делумна преработка преку агрегатите и дел да бидат складирани во акумулацијата за понатамошниот период од грејната сезона – посочуваат од АД ЕСМ.

МН: Стабилност и баланс од домашен извор

Директорот за производство на АД ЕСМ, Зоран Коњановски, на меѓународната  стручна конференција „Хидроелектраните – важна алка на енергетската транзиција“, која се одржа во Белград, ја истакна клучната улога што ја има хидропотенцијалот во процесот кон енергетска транзиција и постигнување енергетска независност на државата.

– Нивната улога во „пеглање“ на дневниот дијаграм е незаменлива. Оваа флексибилност овозможува брзо балансирање на електроенергетскиот систем, со оглед на растот на инсталираните капацитети од променливи обновливи извори, како што се соларните и ветерните електрани. За разлика од другите извори чие производство варира, хидроелектраните може да се вклучат и исклучат за само неколку минути, моментално компензирајќи ги падовите во производството на другите обновливи извори на енергија – истакна Коњановски.

Тој нагласи дека хидроенергијата и реализацијата на новите хидроенергетски проекти се од непроценливо значење за стабилноста на македонскиот електроенергетски систем и ги најави капиталните проекти во хидроенергетски објекти, за кои се во тек подготвителни активности.

– Во моментов, интензивно работиме на подготвителни активности за реализација на капиталните проекти: пумпно акумулационите хидроелектрани „Чебрен“, „Козјак  2“ и „Ташмаруништа“. Тие се најважниот и најефикасен вид на складирање електрична енергија на големо ниво и клучни за модернизација и за стабилност на македонскиот електроенергетски систем, особено во ерата на енергетската транзиција. Со обезбедување стабилност и баланс од домашен извор, се намалува зависноста од скапиот увоз на балансна и врвна енергија и се зголемуваат капацитетите на ЕСМ за активно учество на регионалниот пазар на електрична  енергија – рече Коњановски.

 Ревитализација на хидроелектраните

АД ЕСМ планира да го зголеми вкупното производство од хидроенергија за околу 50 гигават-часови годишно. За таа цел, до крајот на годинава се очекува да почнат со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на  хидроелектраните“ – фаза 3, а ќе бидат шест хидроцентрали: „Вруток“, „Врбен“ и „Равен“ во рамките на ХЕЦ „Маврово“, „Глобочица“ и „Шпилје“ во рамките на ХЕЦ „Црн Дрим“ и хидроелектраната „Тиквеш“.

Од АД ЕСМ очекуваат со ревитализацијата да се зголеми инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати, зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават-часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

– Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават-часови,  односно со нив се обезбедува 20 % од вкупното производство на електрична енергија во државата. За ревитализација на хидроелектраните се потребни 36,2 милиони евра. За таа цел, АД ЕСМ кон крајот на 2022 година доби грант од 11,2   милиони евра од инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), а неколку месеци потоа беше потпишан договор со Кредитната банка за обнова (КФВ) за заем од 25 милиони евра – велат од АД ЕСМ.

ХЕЦ добиваат улога на оператори на складиште

Со новиот Закон за енергетика, донесен во мај 2025 година, хидроцентралите  што практично функционираат како „водни батерии“, добиваат шанса да станат оператори за складиште на енергија. Имено, тие се „полнат“ од електропреносната, или од електродистрибутивната мрежа или директно од електроцентрала, а подоцна повторно се користи таа енергија како електрична енергија или се претвора и користи како друг енергетски носител. Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО деновиве, на јавна расправа, ги претстави новите правила за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори, но тие допрва треба да се донесат. Заедно со Законот за енергетика,  правилата ја уредуваат целата организација и функционирање на пазарот на електрична енергија, од учесници, преку постапки и тргување, до односи со повластените и со виртуелните производители.

Со новите правила, операторите на батериските системи или пумпните  хидроцентрали добиваат јасна улога на оператори на складиште. Тие можат да купуваат енергија кога е евтина, да ја складираат и да ја продаваат кога има системот потреба и кога се цените повисоки. Паралелно, агрегаторите ќе можат да групираат помали извори и потрошувачи, на пример мали хидроцентрали, соларни паркови и флексибилни индустриски потрошувачи, и за нив заеднички да настапуваат на пазарот.

Пумпна акумулациона хидроелектрана треба да биде и ХЕЦ „Чебрен и Галиште“, како стратешки проект што се заговара да се изгради со децении, со цел да се овозможат стабилност на електродистрибутивната мрежа, намалување на  ценовните шокови и забрзување на енергетската транзиција.

Без драматични чекори, туку пресметана транзиција

Во вкупниот инсталиран електроенергетски капацитет, обновливите извори во 2024 година учествувале со 56 %, и тоа големите хидроцентрали со 24 %, а соларните со 28 %. И натаму доминираат термоелектраните. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на прашањето за затворањето на капацитетите на јаглен, вели дека не постои затворање без план,  ниту сигурност без алтернативи.

– Поддржувам паметни, пресметани чекори со минимален ризик и со максимална стабилност. Ние сме ѝ целосно посветени на зелената транзиција, но не по пат на брзи импровизации, не на грбот на граѓаните и не без стабилен извор за базна енергија. Да бидеме реални: денес веќе произведуваме над 40 % електрична енергија од обновливи извори, но тоа важи кога има сонце, ветер или вода. А енергија ни треба и навечер, и во деновите без ветер и кога се хидролошките услови слаби. Затоа правиме транзиција со ред, со план и со алтернативи – вели Божиновска и додава дека интерконекторите се нашето осигурување.

Божиновска нагласува дека државата паралелно инвестира во обновливи извори и во енергетската ефикасност.

– За нас е реален секој производствен капацитет, се ој киловат што ќе го заштедиме е киловат што не мораме да го произведеме. Овој сектор не смее да прави драматични, брзи и опасни скокови. Правиме стабилни и пресметани чекори, затоа што енергетиката е место каде што или имаш контрола, план и ред или не си фактор – вели Божиновска.

Според неа, ништо во енергетиката не се случува од денес за утре и посочува  дека со години енергетскиот сектор бил запоставен, без јасен план, без инвестиции и без реални чекори напред.

– Она што го работиме денес е поставување темел за во следните 5-10 години Македонија да биде безбедна, стабилна и енергетски независна. Денес, конечно, имаме контрола, визија и јасен правец и ние ја држиме таа насока – подвлече Божиновска.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ