Дел од просторот под мостот „Мајка Тереза“ во близина на зградата на Народна банка, кој прилегаше на вистинско мочуриште каде што има собрано вода прекриена со леплив зелен талог и низ која лебдеа отпадоци, хартија и пластични шишиња, некој го замаскирал со тоа што го покрил со чакал. Но, на дел повторно има отстоена вода, како што беше претходно.
Половичната реакција доаѓа откако весникот ВЕЧЕР објави дека сите оние што поминуваат под мостот на пешачката патека: пешаци, велосипедисти, со тротинети, особено од источниот дел на градот, се соочуваат со многу лоша глетка, со непријатна миризба, како и со мушички, кои се непријатни, но и дека иако сè уште не започнала сезоната на комарци, местото е измислено за нивно размножување.
Од Град Скопје не одговорија дали по нивна наредба некое од јавните претпријатија ја започнало, но не ја довршило работата.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ негираат и велат дека тие не поставиле чакал, истиот одговор го добивме и од ЈП „Улици и патишта“.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ информираа дека под мостот на посоченото место постојано извира вода и дека имаат сознанија оти ЈП „Водовод и канализација“ треба да го санираат дефектот, но не знаат кој го посипал местото со чакал, до половина.
Од ЈП „Водовод и канализација“ негираат дека тие интервенирале на местото.
– ЈП „Водовод и канализација“ не интервенирало на посоченото место. За испитување и дополнителни активности, ќе се провери повторно. Од понеделник ќе имаме подетални информации – одговорија од претпријатието.
Останува непознато кој, всушност, се обидел делумно да го реши овој проблем.
(А. П.)