Дел од 10. илјади граѓани што добија информативен мејл од Управата за јавни приходи дека им се најдени приливи од странство за да платат данок на доход, веќе го сториле тоа, но дел бараат пролонгирање на рокот. Велат дека им е потребно време да побараат од фирмите каде што работеле, најголемиот број од нив во американските бази во Ирак и во Авганистан, да им достават потврда каде биде и колку биле плаќани даноци.

Станува збор за големи износи, кои кај некои што работеле повеќе години во овие земји се мерат во неколку илјади евра.

Дел од граѓаните што треба да платат данок на доход за работа во странство, бараат пролонгирање на рокот. Велат дека ги заработиле парите во тешки услови, а сега УЈП ги опоменува дека треба во рок од 20 дена да вратат данок за пет години наназад, што е речиси невозможно.

Голем број кумановци излегоа минатата недела на протест пред канцеларијата на УЈП во Куманово откако со мејл биле информирани да докажат дека повеќе од 183 дена биле надвор од државата, со што не би се сметале за даночни резиденти. Од МВР им кажале дека не се чуваат податоци од пред пет години.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, вели станува збор за обврска што постои одамна, но не се применувала. Таа уверува и дека граѓаните нема двапати да бидат оданочени ако за доходот платиле данок во странство.

– Не се работи за ретроактивна примена на законите. И нашиот Закон за данок на личен доход и меѓународните договори со одредени земји, не со сите, значи со одредена даночна јурисдикција, заштитуваат да не дојде до двојно оданочување, односно данокот за ист доход да се плати двојно во двете земји – рече Петрова.

Досега, од 2.500 граѓани што оствариле приходи во странство е наплатен данок од еден милион евра, што е една четвртина од сите оние што се повикани да го сторат тоа. Од УЈП засега нема информации дали ќе го пролонгираат рокот како што бараат граѓаните на Куманово. Доколку, сепак, дојде до пролонгирање на рокот, велат дека ќе го прекинат протестот и ќе се организираат со засегнатите граѓани од други градови.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ