Повеќе земји членки на ЕУ не се согласуваат со идејата на Европската комисија за обезбедување средства за следниот повеќегодишен буџет на блокот преку предлозите за корпоративни даноци и акцизи на тутунот, посочуваат дипломатски извори.
Новата Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, вредна 2.000 милијарди евра, има за цел зајакнување на конкурентноста и одбраната на блокот, при што се води сметка да не бидат ускратени средствата за земјоделците и за регионалниот развој, за што вообичаено одат околу две третини од буџетот на Унијата.
Меѓутоа, дел од членките на ЕУ кои се соочуваат со висок буџетски дефицит се противат на изнаоѓањето нови извори на приходи за европскиот буџет, на нивни дополнителен товар. Тоа, според дипломатски извори, пред сè, се однесува на приходите од корпоративните даноци и акцизите на тутунски производи, од кои според предложената буџетска рамка би требало да се обезбедат 122 милијарди евра.
Девет членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, се против корпоративен данок од 0,1 отсто, сметајќи дека тој би резултирал со нарушување на меѓународната конкурентност на европските компаниите. Дополнително, дел од членките на ЕУ, ја довеле во прашање и „легалноста“ на ваквиот данок.
Од друга страна, дури 14 земји членки, меѓу кои и Австрија, Грција, Италија, Португалија, Романија и Шведска, се против предлогот за новите акцизи на тутунот, со кои државите би требало 15 отсто од своите приходи од оданочувањето на тутунските производи да ги пренасочат во буџетот на ЕУ.
За остварување на овој план ЕК предлага и измени на Директивата за оданочување на тутунот (ТЕДОР), кои доколку бидат одобрени од Советот на ЕУ и од Европскиот парламент, би стапиле во сила од 2028 година.
Според најавите, идеите за корпоративните даноци, акцизите на тутунот и другите новопредложени извори на буџетски приходи ќе се најдат на дневниот ред на состанокот на министрите за финансии на ЕУ закажан за 10 октомври, годинава.