Велат смеата е здравје, а на настапите на Малзарков публиката ја болат и вилицата, и главата, и стомачните мускули. Тој е момче што преку видеоклиповите создадени од „Диверзија продакшн“, кои имаат стотина илјади прегледи, и преку настапите во државата и надвор од неа веќе деветта година шири позитивна енергија со своите специфични гевгелиски хумор и дијалект. Специјално за весникот ВЕЧЕР, направивме „диверзантско“ интервју во кое тој, во свој стил, одговараше на прашањата што се однесуваат на неговиот ангажман, на почетоците, на неговиот успех, на видувањето за моменталната ситуација во државава…

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Еден добар стендап комичар не е само „смешен човек“ туку и комбинација од талент, техника и личност. Mногу комичари велат дека талентот е само мал дел и дека 80 проценти се вежбање и искуство пред публиката. Сите овие работи се комбинирани во личноста на Дејан Малзарков, стендап артист од Гевгелија, една од најинтересните појави на македонската стендап сцена. Тој е момче што преку видеоклиповите создадени од „Диверзија продакшн“, кои имаат стотина илјади прегледи, и преку настапите во државата и надвор од неа веќе деветта година шири позитивна енергија со своите специфични гевгелиски хумор и дијалект. За разлика од „диазепамот“, кој Македонците го трошат секојдневно, во големи количини, за претставите на Дејан еднаш се купува билет. И на гледачите им поминува, како со рака однесено, сето она поради што им е тешко во тој момент. Зад овој проект, кој слави девет години постоење, освен Малзарков, како истурена „деветка“, кажано со фудбалскиот речник, стои и Димитар Новаков, заднинска поддршка, пишување на сценаријата заедно со него, фотографирање, монтажа и маркетинг. Во видеата може да се видат неколку лика од гевгелиското секојдневие, како Чик Ване, Пецко Иглесијас, Џоче Сатријани, Добрилка Калакурова-Доби.
Ова што следува е „диверзантско“ интервју, кое го направивме специјално за весникот ВЕЧЕР.

Проектот „Диверзија“ наполни девет години. Честитки за ова значајно остварување. Веројатно, ова е мал чекор за тебе и за Димитар, но јас би рекол огромен за стендап сцената во Македонија, Европа, светот и пошироко. Се согласуваш ли?

Пред сè, благодарам за убавите зборови. Мислам дека е големо достигнување, бидејќи е тешко да останеш креативен толку години без да опадне заинтересираноста за тебе. Јас го гледам ова како предизвик, а работата како комичар ме исполнува.

Ги броиш ли „диверзантските“ акции што ги имаш направено досега? Колкава територија имаш освоено и, што е многу важно, колку гледачи херојски паднале од смеење на твоите настапи?
Искрено, не знам колку настапи и видеа се во прашање, многу побитно е тоа што и по многу години, кога ги гледаме, видеата ни сè уште смешни, иако знаеме што се случува. Територија… па се обидуваме да се шириме како Санде Македонски на времето.

Секогаш се прашував кој беше оној пресвртен момент кога меѓу музиката и стендапот, го избра второво?
Музиката никогаш не ја оставив. Тапаните ми се љубов, но се сакаме приватно, а стендапот и видеата, лично, многу ме исполнувааат. Затоа што каде и да сум, што и да правам, во моментот кога ќе ми дојде идеја, го подготвуваме снимањето на самото место и го објавуваме снимениот материјал додека држи таа свежа енергија. Со правењето песна, процесот е побавен, тука можам побрзо и поавтентично да се изразам.

Иницијатор за снимање на првото клипче беше твојата мајка. Уплатуваш ли, како една мала благодарност, дел од заработувачката на нејзината тековна сметка?
Не, но на оние од брза пратка уште малку, па ќе треба и за бензин да им плаќам, ха, ха, ха.

Каде беше твојот прв настап пред публика ако не ги сметаме настапите пред роднините кога си имал две години и кога си го имитирал твојот прадедо, Чик Ване?
Првиот настап ми беше во Гевгелија, нормално, во тогашно „Моно“ (поранешен „Сељакот“). Бев преплашен и пресреќен. Го паметам секој момент. Беше тежок период дома, имав закажано интервју за работа што ја мразев. На излегување од дома, си реков: „Одам да закажам стендап!“ Според мене, да веруваш во она што сè уште никој не го гледа, освен ти во твојата визија, е голема храброст.

Како обично го создаваш текстот за кој подоцна ќе снимиш видеоклип или ќе настапиш пред публиката?
Некогаш дури ги сонувам целосно идеите. Некогаш доаѓаат како фрагменти, нецелосни, ама доволно да развијам цело сценарио. Интересно е што „доаѓаат“ идеите, не ги креирам јас. Јас сум само достапен вај-фај сигнал преку кој оживуваат, се манифестираат во овој свет. Му доаѓа како соработка меѓу „Диверзија“ и универзумот.

Видеоклиповите ги правиш на гевгелиски дијалект. Го разбира ли публиката надвор од твојот роден град гевгелискиот хумор и, пред сè, говорот.

Да, нормално. Ако има некое зборче што баш е заплеткано, им го објаснувам на гледачите и станува уште посмешно.

Што ти е поважно на настапите: ритамот или ставот? Дали ти е поважна фреквенцијата на смеењето, да биде што е можно почесто или ти е поважно она што сакаш да го кажеш?
Ааа, добро прашање. Подеднакво се битни и ритамот и ставот. Тргнувам од себе, ако одам на стендап, сакам често да се смеам и да ја сфатам заднинската порака на артистот. Затоа и долго време се пишува материјалот. Импровизациите тогаш уште поприродно доаѓаат.

Деновиве, кога сме на прагот од локалните избори, ти паднало ли некогаш на ум да се кандидираш за градоначалник или за советник и доколку дојдеш на власт, кои би биле твоите први политички одлуки, што би сменил?
Сериозно, да, ми паднало на ум. А, и голем дел од народот ми го има предложено тоа. Ако се кандидирам некогаш, тоа ќе биде затоа што никоја власт досега немала слух за мене, а сите ми ветуваа. Што би сменил? Одговорот е многу едноставен. На оние што заслужуваат, дај им уште повеќе. На оние што крадат, одземи им сè. Како знаеме кој заслужува, а кој не? Па делата зборуваат, устите лажат.

Како ти успева да останеш смирен во текот на настапите? Јас би се скинал од смеење веднаш по првата реченица.
Ха, ха, ха, се смеам и јас некогаш. Со таква прекрасна публика, се чувствувам како дел од неа, некогаш, накратко. Се смеам, а потоа се враќам во улогата.

Ти се случило ли досега, на настапите, да заборавиш што сакаш да кажеш, те изненадило ли некое дофрлање од публиката и имаш ли план Б во такви ситуации?
Дофрлувања има често. Тоа е интересно, оти мора да си брз. Ненадејно смеење, и тоа е изненадување за мене. Инаку, да, се има случено да заборавам што сум сакал да кажам, ама во тие моменти се снаоѓам, импровизирам и излегува супер.

Имаше јавни настапи во Богданци, Валандово, Струмица, Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Скопје, а двапати диверзантски ги „нападна“ Швајцарија и Германија. Како поминаа настапите во дијаспората и имаш ли намера да го извезуваш гевгелискиот хумор во други држави?

Тоа беа настапи што ќе ги паметам цел живот. Сигурно, не беа до толку јаки, ама моето доживување беше преубаво. Се радувам што по настапот во Швајцарија, останав многу добар другар со организаторот. Даниел Ристов беше првиот што ме покани и веруваше во мене, па оттаму продолжија поканите за на други места. (Даниел, пак, кажи дека не те споменувам). Сега наскоро, пак ќе одам во Швајцарија, овој пат во друг град, а потоа – првпат во Холандија. Сакам специфичните дијалект и хумор да станат гевгелиски извозен културен продукт.

Што претставува за тебе и твојот „диверзантски“ пријател, Димитар Новаков, „Диверзија продукција“ и до кога ќе правите „диверзии“?
Мене лично, „Диверзија“ ме потсетува на дома. На припаѓање. Исто како тапаните. Кога си 1.000 проценти сигурен дека сакаш нешто и е дел од твојот вистински идентитет. До кога? Ах, штотуку почнавме.

Велат смеата е здравје, а на настапите на Малзарков публиката ја болат и вилицата, и главата, и стомачните мускули. Ова е дефинитивно време кога сме во вителот на општествените импровизации, во кои е загубена довербата во системот и во институциите. Исмевањето на сите несовршености на државата овозможува благ терапевтски момент, во кој публиката, барем за момент, се чувствува супериорна во однос на ситуацијата што, инаку, ја притиска секојдневно. Луѓето се смеат на она што им е блиску, а се смеат и на сопствените слабости. Токму поради ова, проблем со инспирацијата Дејан, очигледно, ќе нема. На крајот од нашиот разговор, тој, во свој стил, ги поздрави сите читатели на ВЕЧЕР и им порача на сите оние што ќе дојдат на неговите митинзи, пардон, настапи, дека сето она што им го ветил, со мала помош од Господа, ќе им се оствари.

Дејан Малзарков, дефинитивно е познат актер-аматер и стенд-ап комичар со свој препознатлив јазик, стил и сериозни достигнувања.

ИЗДВОЕНИ