Традиционалната новогодишна трка на Дедо Мразовци ги раздвижи градските улици во Кавадарци и скопскиот плоштад. Смеа, празнична енергија и многу црвени капи на секој чекор!
– Секој учесник беше награден со новогодишно пакетче, а најбрзите Дедо Мразовци си заминаа со посебни подароци. Празнична радост што не поврза и не насмеа , токму она што ѝ прилега на новогодишната магија. Заедно празнуваме, заедно се радуваме – напиша на Фејсбук градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Викендов во Кавадарци се одржа и натпревар за најбрзо китење елка како дел од програмата за одбележување на новогодишните божикните празници. Најбрзите беа наградени. Од локалната самоуправа истакнаа дека освен ваквите и слични активности за помладите генерации, програмата изобилува со бројни други содржини, кои, како што нагласија ќе ги задоволат вкусовите на посетители од различно доба.

-На агендата овие денови се и хуманитарна продажба на новогодишни дела, разни други забавни содржини, а ќе има и топол чај и греано вино. Ќе има и пречек на Новата година на Градскиот плоштад – посочуваат од Општина Кавадарци.
Плоштадот „Македонија“ денеска беше преполн со Дедомразовци од најразлични возрасти кои точно напладне се вклучија во традиционалната трка, која во Скопје се организира секоја година непосредно пред Нова година. Секој од учесниците од организаторите, „Прв до врв“ доби дедомразовски костум, а за сите деца до 10 години имаше пакетчиња.

Во Куманово, пак, членовите на мотоклубот „Мечки“ ја играа улогата на Дедо Мраз и на мотор дојдоа да ги посетат најмалите кумановци и корисниците на Дневниот центар за лица со попреченост, кој функционира под Министерството за труд и социјална политика. Поделија пакетчиња и други подароци и им приредија празнична забава на децата.

Бучните и моќни мотори, во неделата пред Нова година, добиваат нежен и празничен лик, украсени со балони, ѕвончиња, елкички и лампиони. Моторџиите облечени како Дедо Мраз не оставаат никого рамнодушен, ниту децата, ниту возрасните коишто со насмевка ги следат низ улиците на градот.
Оваа хумана приказна трае веќе 18 години. Подготовките започнуваат навреме и траат со недели, без многу формалности, но со јасна цел и одлична организација на нивното заедничко зборно место. Манифестацијата „Дедо Мраз на мотор“ и традиционалното дарување на корисниците на Дневниот центар станаа препознатлив симбол на празничната хуманост во Куманово.
Фото: Петр Стојановски












