Дедо Мраз на мотор им подели пакетчиња на децата од градинките во Велес

36

Членовите на мотоклубот „Носачи на крстот“ деновиве, како Дедо Мраз на мотор со приколки полни со новогодишни пакетчиња, ги израдуваа децата од велешките градинки.

Освен во велешките градинки, тие поделија новогодишни пакетчиња и во градинките во Градско и во селото Караслари. Досега се поделени илјади новогодишни пакетчиња, донација од Општина Велес, информира Бобан Мијајлевски од мотоклубот „Носачи на крстот“.

Во соработка со Општина Велес, тие в недела, во 13:00 часот, во Младинскиот парк во Велес ќе поделат неколку илјади новогодишни пакетчиња за најмладите од Велес. 

Воедно, од Општина Велес е најавено дека ќе има интересна и богата новогодишна програма, која ја организира Општината во рамките на „Винтерфест 2025“, кој започнува денеска и ќе трае до 30 декември.

Велешките моторџии од МК „Носачи на крстот,“ во соработка со Општина Велес и со градоначалникот Марко Колев, в понеделник ќе ги посетат децата што се на лекување на Детското одделение при велешката Општа болница и ќе им поделат пакетчиња.

Новогодишни пакетчиња ќе поделат и за корисниците на Дневниот центар за лица со попреченост, Здружението на лица со церебрална парализа и друга попреченост и децата од основното училиште со ресурсен центар „Маца Овчарова“ во Велес. Ќе делат пакетчиња со мотор по велешките градски улици и од свои средства.

ИЗДВОЕНИ