Децата од градинката „Мајски цвет“ ќе се сместат во барака на Општина Карпош

48

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и официјално ѝ ги предаде на директорката на градинката ,,Мајски цвет“ клучевите од монтажната времена барака на локалната самоуправа, во која привремено, околу шеесет дена, ќе бидат сместени дечињата од оваа детска градинка, додека да се направи новиот објект во населбата Тафталиџе 1.

– Директорката и вработените во оваа градинка ќе управуваат со овој објект, кој го адаптиравме за прием на дечињата и за нивен дневен престој, додека им ја изградиме, за околу два месеца, новата градинка по сите еколошки стандарди. Потоа ќе следува изградба на нов објект на градинката ,,Пролет“, попозната како „Пролет – Канела“ и, исто така, децата ќе бидат привремено сместени во овие општински објекти додека се гради нивната нова градинка – информираше Јакимовски.

Тој потенцираше дека по завршувањето на привремениот прием на децата од градинките, кои целосно ќе се градат по нови стандарди, Советот на Општина Карпош е тој што ќе одлучи за што ќе бидат користени овие два објекта во иднина.

Според Јакимовски, општинската барака 1 би можела да биде дополнителен објект на градинката „Орце Николов“, која се наоѓа во непосредна близина на објектот, додека општинската барака 2 би требало да биде дел отстапен за користење на архивата на Општина Карпош, а другиот дел да се оспособи за простории за културно- уметничкото друштво „Орце Николов“, кое оваа година ја прославува 51. годишнина од своето постоење.

 

ИЗДВОЕНИ