Децата на непалските политичари го добија прекарот „неподеца“, при што „непо“ е кратенка за непотизам, слично на западниот термин „непобебиња“, кој се однесува на привилегираните деца на познати и јавни личности, наведува „Њујорк тајмс“.
Во неделите што им претходеа на насилните протести во Непал, на социјалните медиуми беа широко споделувани фотографии и видеа што наводно го прикажуваат раскошниот живот на децата од политичката елита во земјата. Не е јасно дали се вистински фотографиите или измислени, но тие станаа симбол на корупцијата, за која многу Непалци велат дека ја продлабочила нееднаквоста и ги збогатила функционерите и нивните семејства. Огорченоста беше еден од двигателите на протестите, кои избувнаа поради забраната за социјалните медиуми, но беа поттикнати и од годините на потиснат гнев кон Владата. Меѓу најсподелуваните беше фотографијата за која се тврди дека го прикажува синот на министер како позира покрај кутии со производи од „Луј Витон“ и од „Картие“, наредени во форма на елка.
„Транспаренси интернешнл“ го рангираше Непал меѓу најкорумпираните земји во Азија.