Македонската сениорска ракометна репрезентација, за жал, по четврти пат не ја помина групата на континенталните собири. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров се елиминирани уште по натпреварите од групната фаза на Европското првенство во Данска, Норвешка и во Шведска. Во групата Б, Македонија оствари една победа, над Романија, 24:23, одигра нерешено со Португалија (29:29) и беше убедливо поразена од домаќинот Данска (36:24). Ваквиот резултат беше доволен само за третото место во групата, а единствена позитивна работа од пласманот е тоа што ќе играме само еден бараж за Светското првенство, кое ќе се одржи наредната година, во Германија.
Дали е навистина успех ваквиот пласман на големите натпреварувања, како што ќе кажат многумина, за момците на селекторот Кирил Лазаров, кои веќе пораснаа и не се веќе толку млади и неискусни за да не може да ја поминат групната фаза четири шампионати по ред? Освен тоа, и се радуваат како да го освоиле шампионатот по килавата победа против аутсајдерот Романија и толку многу се перчат со ремито против Португалија, селекција што во последното коло од групната фаза му одржа ракометна лекција на првиот фаворит за златниот медал – репрезентацијата на Данска.
Несфатливо е да се правдаат челниците што ја водат Федерацијата и селекторот дека ние сме мала земја и дека ова, можеби, е нашиот максимум во моментов. Сите добро знаеме дека Словенија е најблиску до нас по бројот на жители, но секогаш има подобри резултати, дури и кога не настапуваат половина од нејзините најдобри играчи за репрезентацијата, како што беше на овој шампионат. Да не зборуваме, пак, за селекцијата на Фарските Острови, држава која има помалку жители од Општина Аеродром и која „вчера“ почна да игра ракомет. Тие, иако исто како Македонија, не ја минаа групата на овој шампионат, но ќе имаат подобар пласман, што дополнително покажува дека овие држави системски подобро и побрзо работат за напредокот на спортот, особено на ракометот.
Не држи вода и фактот дека сме биле во многу тешка група. Сите групи беа тешки на свои начин, бидејќи и сите репрезентации почнаа да играат ракомет, и тоа, за жал, за нијанса подобро од нас. Затоа ако не направиме подобар систем на работа со младите категории и не ги пуштиме во оган, уште долго ќе му се радуваме само на континуитетот на настапот на големите натпреварувања, а не и за подобри резултати.
За крај, точно е дека Македонија имала и подобри резултати, особено во 2012 година, на шампионатот во Србија, со освоеното петто место. Оттогаш до овој шампионат, немаме подобри резултати, напротив полоши, особено откако на континенталниот собир почнаа да играат 24 селекции и само две од секоја група одат во главната фаза.
Но, уште по еуфоријата во 2012 година и тоа историско петто место, еден постар колега, кој веќе одамна е во пензија, на нас, тогаш помладите што бевме во голема еуфорија, ни рече: „Паметете го ова петто место, бидејќи тоа повеќе нема да се случи“, и беше во право.
Славе ТАСЕВСКИ












