Децата ќе учат за атлетиката со Кокан Ајановски

16

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите деца од Скопје, заедно со своите родители, да се приклучат на спортската дружба и забава со познатиот македонски атлетичар, Кокан Ајановски.

Настанот ќе се одржи в среда, со почеток во 19:00 часот, кај скалите под хотелот „Парк“ на кејот на Вардар и е во рамките на проектот „На одмор сум, во Центар сум“.

Дечињата ќе имаат можност да трчаат заедно со Кокан, да научат повеќе за атлетиката и да уживаат во позитивната енергија на спортот.

Герасимовски истакнува дека со овие активности, на децата што летово остануваат во градот им се нуди можност за дружење, забава и за нови спортски искуства.

– Верувам дека ваквите спортски дружби се најдобриот начин децата да го поминат летото активно и креативно. Нашата цел е да им создадеме моменти што ќе ги паметат, но и да ги поттикнеме да го засакаат спортот како дел од секојдневието. Спортот не само што го зајакнува телото туку гради и тимски дух, дисциплина и самодоверба, која е важна за развојот на децата. Ве чекаме в среда, на кејот на Вардар – вели Герасимовски.

Настанот „На одмор сум, во Центар сум“ се реализира во рамките на Програмата за култура на Општина Центар за 2025 година. Целта е да се збогатат спортските, рекреативните и културните содржини за учениците што не заминале на летен одмор.

 

ИЗДВОЕНИ