Мајка, на социјалните мрежи, предупреди дека нејзиниот 16-годишен син бил ограбен со нож од четворица маскирани лица во Кисела Вода. Случајот потсетува на слични напади врз ученици во Центар и Маџари, каде што насилници со фантомки физички нападнале тинејџери и им одзеле пари. Зачестените инциденти ја зголемија јавната загриженост и повторно ги отворија барањата за повеќе полициски патроли и враќање на позорникарите во маалата
Мајка споделува непријатен настан на социјалните мрежи и апелира до родителите да внимаваат на своите деца. Имено, нејзиниот 16-годишен син, деновиве, во населбата Кисела Вода, во попладневни часови бил пресретнат од четворица разбојници со фантомки на главите, кои му извадиле нож и со закана го претресле и му ги зеле парите. Потоа, според објавата на родителот, му наредиле да замине без да се врти назад. Настанот го немаше во полицискиот билтен, но многу потсетува на тој од пред еден месец, кога во населбата Дебар Маало во Центар, исто околу 16 часот, на местото викано Дрвен, непознати им извадиле нож на тројца седмоодделенци и им ги зеле парите. По инцидентот во Центар, кој бил пријавен во полициската станица Беко, градоначалникот од полицијата побара поголема присутност на полициски патроли. Општината побарала полицајци по улиците и на ризичните места по безбедноста на жителите, поради сè поголемиот број поплаки. „Бараме да се воспостави систем на почести контроли и видливо полициско присуство кои ќе дејствуваат превентивно и ќе овозможи брза реакција по секое нарушување на мирот“, побарала општината од полициската станица.
Насилници со фантомки на главата, викендов нападнале тинејџери на стадионот „Борис Трајковски“ во скопско Маџари. Настанот го пријавила во полиција мајката на едно од децата, кое било заедно со уште двајца негови другари на фудбалскиот стадион „Борис Трајковски“ да гледаат фудбалски натпревар. „Бил физички нападнат од неколку лица со фантомки, најверојатно малолетници, кои употребиле и тврди предмети, а двајца од нив снимале и со мобилен телефон“, стои во соопштението на МВР.
Зачестените дрски напади, особено кога жртви се децата, ја кренаа јавноста во барањето од повторно воведување на позорникарите, кои во минатото патролирале низ улиците и маала и внимавале да нема тепачки, кражби и други нарушувања на мирот.
Во моментов, во Македонија нема посебен закон што формално регулира класични позорникари како службена градска стража со правни овластувања слични на полицијата или општинска полиција. Во законодавството, сега, полициските овластувања ги има само државната полиција, која се регулира преку Законот за полиција. Иако постојат иницијативи и дискусии за воведување комунална полиција која би била во функција на надзор и јавен ред на локално ниво, сепак, тие сè уште се во подготовка.
„Во зависност од ангажманот за редовни, вонредни и посебни обезбедувања, се испраќаат служби како маалски позорникари на терен“, велат од МВР за весникот ВЕЧЕР.
– СВР Скопје функционира со полицајци – позорникари во урбани средини, пешачки патроли и мотопатроли во урбани и рурални средини кои влијаат на подобрување на општата безбедност на општините, кои најчесто ги покриваат критичните места каде што се случуваат нарушувања на јавниот ред и мир и извршување на кривични дела, стои во одговорот на полицијата на прашањето од весникот ВЕЧЕР како се прави процена за маалско патролирање со оглед на тоа дека во билтените има зголемен број напади и кражби од маскирани, на кои последен период цел им се и децата.
Пред неколку години, токму градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, најави дека во маалата ќе се вратат позорникарите, односно полициски редари. „Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со еден до двајца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало, запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби“, вети тогаш градоначалникот, но по последниот негов допис до ПС „Беко“, очигледно, полициската видливост изостанува во центарот на градот.
Централното градско јадро стана небезбедно место, особено за време на викендите во ноќните часови, кога полициските билтени нотираат насилно одземени чанти, телефони, паричници. Од полицијата велат дека соработуваат со ОЈО – Скопје и спроведуваат интензивни мерки и активности за откривање и гонење на сторителите преку примена на полициски овластувања, оперативно-тактички и превентивни мерки.
Експертите по безбедност што ги консултираше весникот ВЕЧЕР, велат дека секоја полициска станица треба да има план за обезбедување на безбедноста и да процени на кои места ќе задолжи двајца полицајци да патролираат.
Лани и преклани, МВР во два наврати распиша конкурс за прием на полицајци, првиот пат бараше 600, а за вториот оглас имаше место за 150 кандидати. Од причини што многу од приправниците ја напуштаа службата и заминуваа во приватен сектор, последниот период во договорот за вработување се задолжени да останат на работа во МВР најмалку пет години, во спротивност ќе треба да ги надоместат трошоците за обуката. Министерот Панче Тошковски најави дека од септември, годинава, повторно ќе се отвори средното полициско училиште и гарантира вработување за сите што ќе го завршат, со што би се надминал проблемот со недостаток на полицајци онаму каде што треба, меѓу граѓаните. (П. А.)












