Дебитантскиот филм „Замини еден ден“ (Leave One Day) од француската режисерка Амели Бонин, вечерва ќе го отвори престижниот Кански филмски фестивал, што годинава ќе се одржи до 24 мај. Ова е првпат дебитантско остварување да ја има таа чест, а филмот е за млада жена која го напушта својот роден град за да изгради свој живот, но се враќа поради итна семејна ситуација.

Меѓу дваесетината наслови во главната селекција кои ќе се натпреваруваат за „Златната палма“ на 78. издание на меѓународниот фестивал се новите остварувања на Вес Андерсон „Феникиската шема“ (The Phoenician Scheme), на Ричард Линклејтер „Nouvelle Vague“, на Ари Астер „Едингтон“ (Eddington), на Јулија Дукурно „Алфа“ (Alpha), на Јоаким Трир „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value), на Лук и Жан-Пјер Дарден „Jeunes Mères“. Во трка за „Златната палма“ се и филмовите на Џафар Панахи „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just An Accident), потоа на Оливер Херманус „Историја на звукот“ (The History Of Sound), на Кели Рајхарт „Мастермајнд“ (The Mastermind), на Сергеј Лозница „Deux Procureurs“, на Марио Мартоне „Фуори“ (Fuori), на Доминик Мол „Досие 137“ (Dossier 137), на Карла Симон „Romería“.

Во селекцијата „Одреден поглед“ (Un Certain Regard), пак, ќе се прикажат дебитантските филмови на Скарлет Јохансон „Елеонора Велика“ (Eleanor the Great) и на Харис Дикинсон „Урчин“ (Urchin), а француската актерка и овогодинешна претседателка на жирито, Жулиет Бинош, рече дека акцентот на критериумот за селекција е ставен врз личниот израз на авторот и на актуелноста на темите.

Надвор од конкуренција на 78. Кан, публиката ќе може да ги види „Невозможна мисија: Последната пресметка“ (Mission: Impossible – The Final Reckoning) којшто ќе биде прикажан во присуство на Том Круз и филмската екипа, новиот филм на Ребека Злотовски „Ви Привје“ (Vie Privée) со Џоди Фостер во главната улога, како и „Highest 2 Lowest“ на Спајк Ли. Програмата на „Канските премиери“ ги вклучува новите филмови од Кирил Серебреников, Раул Пек, Себастијан Лели и Фатих Акин, додека во специјалните и полноќните проекции ќе се прикажат филмови од Силвен Шоме, Боно, Итан Коен и Џуно Мак.

Познатиот американски актер Роберт де Ниро ќе ја добие почесната „Златна палма“ за животно дело – за неговиот целокупен придонес во кинематографијата, а врачувањето на наградата ќе биде во рамки на свеченоста на отворањето на фестивалот.

„Ова е како да се враќам дома“, изјави актерот по повод добивањето на почесната „Златна палма“ додавајќи дека е многу проврзан со Канскиот фестивал.

„Особено сега, кога во светот има толку многу работи што нè разделуваат. Кан нè зближува “, додаде актерот којшто последен пат во Кан беше во 2023 година, за премиерата на филмот „Убијците на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ